Со реализираниот пенал по прекршокот на Ѓоко Зајков во третата минута од судиското продолжение, Езгјан Алиоски ѝ донесе на Македонија реми 1:1 против Грузија во Скопје и ја остави лидер во групата 2 од дивизијата Ц во Лигата на нациите.

Благодарејќи и на идентичниот резултат меѓу Естонија и Ерменија во Талин, „црвено-жолтите“ остануваат први по четири одиграни круга со 6 бода, колку што имаат и Грузијците, Ерменците се трети со 5, а Естонците на дното со 2.

Увертирата на многу позначајниот трет меѓусебен дуел со екссоветската република во два месеца, на 12 ноември во Тбилиси, кога победникот ќе избори историски пласман на Европско првенство, за влакно ќе им припаднеше на гостите, кои поведоа преку резервистот Квича Кварацхелија во 75. минута.

Тогаш ја искористија предност од игра повеќе по исклучувањето на македонскиот голман Столе Димитриевски поради играњето со рака надвор од својот шеснаесетник.

Серијата од три средби во само шест дена, почната со триумфот од 2:1 над Косово, значително ослабениот состав на селекторот Игор Ангеловски ја заокружи со второто реми по 3:3 во Ерменија, останувајќи непоразен и во својот шести меч во низа.

SHARE