Аман Кина, не нè брани – Пишува Роберт Димитриевски

Што е ова кинеско влијание во (само што не) членката на НАТО и идната (кој знае кога) членка на Европска унија? Среде шашардисаноста на светот со фамозниот коронавирус, земјата од каде што тргна епидемијата, сега веќе пандемија, се понудила на Македонија да ѝ подари 200 респираторни машини?! Значи, Македонија не побарала, ами Кина самата се понудила. Ајдееее. Да не се уплашија пак да не го признаеме Тајван?

Е па вака, другари Кинези: no pasaran! Нема да ви помине, бе! Најдовте село без кучиња, па ќе „бургијате“, а? Е, мало морген! Не ви е ова времето на „режимот“, па да ѝ нудите на Македонија кредити за автопатишта, или мали автобуси гратис за двокатните, или нови железнички композиции за патници.

Нека, нека. Си имаме ние сојузници. Кај и да е, откако од ЕУ ќе им испорачаат машини за механичка вентилација на Србите, сигурно ќе добиеме и ние. Освен ако од САД не стигнат побрзо. Не вели нашиот народ попусто „кротко јагне од две мајки цица“.

Ја, мајката: сами сте го создале вирусот (во лабораторија во Вухан, ами како), сте го рашириле насекаде (според истата теорија на заговор), па сега ќе им нудите помош на засегнатите. Прво ѝ пративте авион со медицинска опрема и со стручњаци на Италија (а само што не го добија тоа од Брисел по силните молби за европска солидарност), па одговоривте позитивно и на барањето на Вучиќ, за сега да го користите и тоа што во тесно се нашла и Македонија?

Не оди тоа така, друже Џинпинг. Прво, убаво ќе замолите дали може да донирате, па уште поубаво демек ќе се намуртат од Владата на „Северна“, пред божем неволно да прифатат. Како зошто? Па, глуви ли сте? Колку пати нејзините пријатели од Брисел и од Вашингтон ја потсетија „оваа земја“ за штетноста на кинеското влијание во регионот и пошироко? Устата пена им фати од повторување на мантрата за безалтернативноста на евроатлантската интеграција и вие сега ќе нè (раз)убедувате со смешни 200 респиратори?!

Затоа, уште еднаш: аман Кина, не нè брани! Си имаме ние и кој ќе нè брани, и кој ќе нè храни. Прво НАТО, па ене каде е и ЕУ, па… Впрочем, не ни ветија бадијала „драгиот водач“ и тајфата околу него пред референдумот „членство во ЕУ за бесплатни здравствени услуги низ цела Европа“. Е, тогаш нека се појави вирус, па нека е и корона, да го видам.

SHARE