Копретседателот на заедничката македонско-бугарска комисија за образовни и историски прашања Ангел Димитров го парафразира бившиот претседател на Бугарија, Петар Стојанов, за западниот сосед.

„На времето тогашниот претседател Стојанов рече дека Македонија е најромантичниот дел од бугарската историја. Тоа не е невистинито, но многу повистинито е дека е најдраматичниот дел. Драмата постои и сега, не само во обостраните односи. Драмата постои во самата Македонија како историски проблем. Зборувам Македонија, не Република Македонија. Ќе има тешкотии, да не заборавиме што може да се случи и во Грција во однос на Преспански договор“, рече Димитров во интервју за бугарската ТВ Европа.

За работата на комисијата првиот амбасадор на Бугарија во Скопје изјави дека од неа не можат да се очекуваат резултати преку ноќ, бидејќи таа почнала со работа пред шест месеци и досега одржала само три состаноци.

„Очекувам дека ние ќе успееме постепено да ги убедиме нашите колеги дека Република Македонија и македонската историографија треба да доживеат катарза. Тоа е исклучително важно, посебно за сите граѓани на Република Македонија, зошто има нешто болно во идејата од своето спорно, сомнително минато да извадиш аргумент за една светла иднина. Тоа не може да се случи политички“, додаде шефот на бугарското дипломатско претставништво во македонскиот главен град од 1994 до 2001 година.

SHARE

Оставете Коментар