Анкетата наречена желба, Стивенсон и Петар Арсовски – пишува Горан Момироски

По нарачка на Македонскиот центар за меѓународна сорабоотка и Институтот за демократија деновиве беа објавени резултати од истражување на јавност на агенцијата М- Проспект.

Во анкетата по 6 месеци од иста таква анкета на истата агенција М-Проспект на која водеше ВМРО -ДПМНЕ во водство сега е Социјалдемокраскиот Сојуз на Зоран Заев кој според анкетата се уште е најпопуларен политичар.

Достоинството на Стивенсон

Според многумина познавачи на благородната вештина, најдобриот светски аматерски боксер на сите времиња Кубанецот Теофило Стивенсон во светската историја ќе остане запаметен како еден од најдостоинствените спортисти.

Откако ја одби понудата од аматер да стане професионален боксер и за еден меч со Мохамед Али да добие фантастични 1 милион долари тој во 1976 година изјави:

„Што се еден милион долари споредено со љубовта на осум милиони Кубанци“.

Што сака Петар Арсовски?

Според многумина еден од најдобрите македонски актери од постарата генерација Петар Арсовски во 1976 година на филмскиот фестивал во Ниш добива награда за најхумана улога. Наградата ја добива за улогата на учителот во култниот филм „Најдолгиот пат“ на Бранко Гапо во кој Арсовски во една извонредна сцена во која турскиот офицер го прашува „Што сака даскалот?“ меѓу другото вели:

„ Сакаме држава во која сите ќе бидеме еднакви. Има ли друг суд на светот кој пресудите ги донесува од око, во темнина и уште пред самото судење“.

Примерите со Стивенсон и Петар Арсовски на прв поглед немаат многу врска со анкетата и резултатите на анкетата на М-Проспект. На втор поглед врските со анкетата сами скокаат пред очи, на трет веќе на сите име јасно што сака авторот да каже.

Дури и на Стивенсон и на Петар Арсовски, ако можат да ја прочитаат, ќе им е јасно каква е врската со анкетата која е тема на оваа колумна.

Како подготовка за оваа колумна контактирав со неколку луѓе кои со години работат истражувања на јавност или истите ги анализираат. Дел од нив се познати дел се анонимни аналитичари. Некои се од левата страна на политичкито спектар некои сега се поблиски до десницата. Ниту еден од не можеше да даде одговори на моите прашања поврзани со резултатите.

Конкретен одговор на прашањата не можеа да ми дадат ниту луѓето кои што стојат зад анкетата.

На прашањето што точно предизвикало за 6 месеци од последната анкета на М- Проспект СДСМ да добие речиси 4 проценти рејтинг а ВМРО -ДПМНЕ да загуби исто толку, не добив конкретен одговор освен нагаѓање дека можеби кај другите анкети се работи за помал број на Албанци опфатени со истражувањето.

Овој аргумент дури и да е формално поставен е целосно погрешен затоа што сигурно М-Проспект од јуни до сега не го менувал примерокот на испитаници а истото се случува и кај другите агенции кои секогаш имаат меѓу 20 и 25 % Албанци во примерокот.

Другиот аргумент кој што ми беше посочен е дека 13 % Албанци се изјасниле за СДСМ што е 13 пати повеќе од процентот на Албанци што се изјасниле за ВМРО-ДПМНЕ.

Но и ова не е логично ако се знае дека и во јунската анкета на М-Проспект имало сигурно десетина проценти Албанци за СДСМ со што станува невозможно 3-4 % од Албанците да направат 3-4 % раст за СДСМ на ниво на цела популација.

За да биде појасно што е проблемот треба да се каже дека и оваа анкета на М- Проспект и онаа објавена во јуни се користи иста методологија и иста техника на анализирање на собраните резултати.

Покрај основното прашање како успеа СДСМ во анкетата на М-Проспект за 180 дена да направи разлика од 4 процентни поени пред опозицијата и тоа во најдраматичните настани за нив кога како на филмска лента се редеа огромни скандали кои беа „крунисани“ со недобивање датум за ЕУ, има и други конкретни прашања за кои никој не дава одговор.

МЦМС, Институтот за демократија и М-Проспект во анкетата признаваат дека СДСМ се соочува со пад на рејтингот споредено со јуни од 23 на 22 %. Ова е логично , дури и малку ако се има предвид што се се случуваше во вид на скандали и гафови во редовите на владата.

Но крајно нелогично е како за само 6 месеци анкетата пронајде пад од цели 5 % кај ВМРО-ДПМНЕ иако оваа партија нема ниту централна, ниту значителна локална, ниту претседателска власт и не е вплеткана во никаква голема афера од типот на Рекет, М-НАВ, Венецијанска комисија или НЕ за ЕУ.

Практично опозицијата која што не одлучува за ништо во државата загубила 20 % или 1/5 од своите гласови споредено со јуни оваа година а во исто време и рејтингот на власта паѓа постојано. Ќе биде интересно тие што ја направиле анкетата да ни покажат на што се должи тоа затоа што ваков феномен веројатно ќе се изучува и во учебниците.

Контра финалните резултатие на М-Проспект одат и резултатите од мерењата на рејтинзите на лидерите.

Кај премиерот Заев има пад од 1,7 проценти или меѓу 23 и 28 илјади луѓе во зависност дали се мери според вкупниот број на гласачи во изборнито список (1,8 милиони) или според реалните 1,4 милиони.

Кај лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рејтингот за 180 дена пораснал за 2,5 проценти или меѓу 35 и 45 илјади луѓе.

Ако се анализира како се движи ситуацијата од јули 2018 година кога беше потпишан Преспанскиот договор до сега јасно ќе се види дека Заев загубил речиси 45 проценти од својот рејтинг а Мицкоски од нешто над 2 проценти за речиси 7 пати го зголемил својот рејтинг кај граѓаните.

Овие трендови во никој случај не им одат на рака на аналитичарите од Институтот за демократија кои што ставиле потпис на крајно нелогичната анализа.

И покрај овие трендови според М- Проспект СДСМ за 6 месеци со иста методологија успеал да ја анулира предноста на ВМРО-ДПМНЕ и да дојде во предност и тоа во ситуација кога дури и најверните гласачи на Социјалдемократите се длабоко разочарани од тоа што (не) го прави власта.

Во јавно објавените резултати од анкетата на М-Проспект има и други нејасни прашања како на пример зошто покрај позитивен и негативен правец во кој се движи земјата е ставен и правецот „исто“ што досега ретко некој го употребувал како и зошто на листата на лидери ги нема екс претседателот Ѓорѓе Иванов и екс лидерот на ВМРО -ДПМНЕ кои се појавуваат на сите други анкети.

Анкетите не решаваат ништо

Колку М-Проспект или другите истражувачки компании се во право ќе покажат резултатите од предвремените парламентарни избори закажани за 12 април.

Но доколку анкетата на М- Проспект, Институтот за демократија и МЦМС е точна тогаш нема никаква логика премиерот Заев воопшто да зборува за одложување на изборите вадејќи се на блокада на „суштински закони“ од опозицијата. Со ваков резултат каков што го даваат трите ентитети кои стојат зад анкетата СДСМ победува со најмалку 30 илјади гласа пред ВМРО-ДПМНЕ и лесно прави влада со некоја од албанските партии. Тоа значи дека дури и Заев не верува на последната анкета и затоа бара начин да ги одложи изборите.

Она што го гледаат и Заев и Шеќеринска како најискусни во Социјалдемократскиот сојуз е дека треба да се подготвуваат за шестиот по ред парламентарен изборен пораз од 2002 година наваму.

Одбивањето на Заев на предлогот на Мицкоски кандидатите за мандатари од двете најголем партии да не бидат на листите за пратеници е само еден од сигналите дека СДСМ се подготува за сериозен пораз. Ако е Заев сигурен во победата тогаш не му е потребно пратеничкото столче.

Единствен начин Заев да преживее политички во идната опозиција е цврсто под контрола да го држи кормилото на веќе приватизираната партија која што ја раководи „Струмичко- Кумановското крило“ со поддршка од неколку корумпирани членови на „Скопското крило“.

Единственото сценарио кое што на Заев и неговите најблиски соработници им дава некаква надеж за политичко преживување е да добијат пратенички места и со имунитетот што им следува да се обидат да избегнат правни санкции за тоа што го сториле.

И ним но и на сите други освен на М-Проспект, МЦМС и Институтот за демократија им е јасно дека периодот од 17 години од кога СДСМ ја постигна последната парламентарна изборна победа нема да запре во април или во октовмри ако Заев навистина ги одложи предвремените избори.

Прашањето сега за Заев, Шеќеринска, Десковска и другите првенци на СДСМ е како да се спасат од прогонот за своите (не)дела. И ним им е јасно дека кога нивниот криминал, противуставно и противзаконско постапување ќе бидат докажани нема да можат да ги спасат ниту странците чии миленици беа.

Уште помалку ќе можат да им помогнат зборовите, ПР техниките и делата на погоре споменатите Стивенсон и Петар Арсовски.

SHARE