Антиќ го наследи Наумоски на чело на Македонска кошаркарска федерација

Перо Антиќ од денеска е нов претседател на Македонска кошаркарска федерација, избран како единствен кандидат со максимални 27 гласа од членовите на Собранието.

„Секако дека сум среќен, но, искрено, малку ми е и чудно во оваа улога. Мојата идеја е да составам силен тим од спортисти и луѓе од бизнис-секторот и сите заедно да работиме за кревање на кошарката, враќање на оптимизмот кога се говори за овој спорт. Приоритети има многу, од развој на младинската кошарка, до засилување на лигата и враќање на репрезентацијата онаму каде што посакуваме да биде – редовен учесник на големите натпреварувања“, изјави наследникот на Петар Наумоски на чело на МКФ.

„Би сакал да им се заблагодарам на сите соработници и поддржувачи во изминативе четири години, да истакнам дека заеднички се донесоа доста промени, позитивни во интерес на кошарката. Ја деблокиравме 16-годишната блокада на сметката на Федерацијата, ги вративме сите долгови што во континуитет се таложеле, ја доведовме Федерацијата во стабилна, сигурна, па и профитабилна позиција, што е работа и обврска на едно успешно раководство на која било институција“, вели Наумоски во соопштение за јавноста.