Антиќ и Мекејлеб во дрим-тимот на ФИБА од европски селекции без медал по 2000 година

Македонија партиципира со двајца, Перо Антиќ и Лестер Бо Мекејлеб, во идеалната петорка на ФИБА составена од европски репрезентации што во последните 20 години не биле меѓу најдобрите три на некое големо сениорско натпреварување.

Љубителите на кошарката дрим-тимот го избраа со гласање на официјалната вебстраница на ФИБА, а Македонија е единствената земја со двајца играчи во најдобрата петорка.

Преостанатите тројца се Мирза Телетовиќ од Босна и Херцеговина, Адам Ханга од Унгарија и Јон Стефансон од Исланд.

Од македонските кошаркари меѓу номинираните беше и Владо Илиевски.

Антиќ и Мекејлеб беа најблиску до медал на Европското првенство 2011 во Литванија, на кое Македонија заврши четврта по поразот од 72:68 против Русија во дуелот за бронзата.

Мекејлеб беше избран во најдобрата петорка на тој шампионат.

SHARE