Антитерористот и сопруг на Ременска го избришал Фејсбук профилот

Шефот на управата во МВР задолжена за борба со тероризам, Јовче Ременски кој вчера преку Фејсбук објави шокантни пораки во кои асоцира дека од понеделник ќе се случуваат акции на полицијата односно апсења, денеска целосно го избришал својот профил на социјалната мрежа.

Ременски кој е сопруг на пратеничката Фросина Ременска во моментов е началник на Управата за заштита од тероризам или други активности насочени кон загрозување или уривање на демократските институции утврдени со Уставот на Република Македонија.

Началникот Ременски објави пораки на Фејсбук кои асоцираат дека Владата најавува апсења од понеделник.

Во првата порака Ременски вели:

„Има варијабли, константи и хипотези, од понеделник ќе биде интересно”, напиша началникот со потпис – Ременски.

Веднаш по првата порака тој дава дообјаснување:

„Да не останам недокажан, борбата продолжува и тоа на две нозе со сиот демократски капацитет на располагање со сета жестина и без пренамагање”.

Во коментар на една од пораките тој потврдува дека ќе има и „Џандар збира” што во полициски сленг најдиректно значи дека ќе има апсења.

Откако дел од медиумите ја пренесоа неговата изјава ременски не негираше дека ќе се случуваат апсења туку објави неколку линкови до текстови за случајот Афис од 2013 година.

Ременски во коментарите напиша дека неговите информации се поврзани со кривично правен настан кој бил пријавен во обвинителството, во кој е направена штета за буџетот на РМ но дека немало суетни новинари да го проверат овој настан.

Според Основното јавно обвинителство најавата на Ременски за апсење или било какви активности во тој правец се неточни и неосновани затоа што случајот Афис е се уште во предистражна постапка и ниту МВР ниту управата каде што началник е Ременски не може да апсат луѓе ниту да преземаат било какви процесни постапки без соодветни чекори на Обвинителството, објави вечерва ТВ Алфа.

“За колегите на Ременски во МВР настапот на началникот е целосно погрешен и спротивен на протоколите на министерството затоа што тој ниту е овластено лице за изјави за јавност ниту пак смее како шеф на управата за антитероризам да коментиура други предмети кои не се во негова надележност особено не јавно да објавува пораки во кои асоцира на апсења.

Извори во внатрешната контрола на МВР велат дека ако се следат правилата на МВР против Ременски мора да биде покрената постапка за нарушување на правилата за работа затоа што освен што јавноста ја довел во заблуда тој можеби открил информации кои се од интерес за инволвираните во случајот Афис”, објави телевизија Алфа.