Апелациониот суд во Скопје ја потврди информацијата дека е укината пресудата за предметот „Титаник 2“ на СЈО, каде обвинет беше првиот човек на УБК, Сашо Мијалков.

„По одржана јавна седница на ден 04.11.2019 година, Апелациониот суд Скопје, донесе одлука со која ги уважи жалбите на обвинетите, изјавени преку нивните бранители, со што ја укина првостепената пресуда и предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување“, соопшти второстепениот суд.

Апелациониот суд Скопје констатирал дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил бројни суштествени повреди на постапката од апсолутен карактер, поради кои одлуката е во целост незаконита и неправилна.