Апсурдите на политичкото читање на историјата: Дали Бугарија идната година на 24 мај ќе ги прославува св. Кирил и Методиј? – проф. Митко Б. Панов

На 1 октомври 2020 г., бугарскиот парламент со големо мнозинство го усвои во првото читање предлог-законскиот проект за „промена на кодексот на трудот“, со кој во официјалната формулација на чествувањето на 24 мај, зборот „словенски“ се заменува со „бугарски“.

Доколку овој закон биде изгласан, Бугарија во иднина нема да го слави 24 мај како „Ден на бугарската просвета и култура и на словенската писменост,“ туку како „Ден на булгарската писменост, просвета и култура“. Доколку се земе предвид историскaта оправданост за ваквата промена содржана во официјалниот предлог поднесен од пратениците на ВМРО во парламентарнта група “Обединети патриоти“, тогаш произлегува дека во случај на негово финално изгласување, Бугарија од идната година на 24 мај повеќе нема да ги прославува св. Кирил и Методиј!

Во официјалниот документ со кој се оправдуваат промените во законот, се наведува дека истите се мотивирани од „коректно и историско издржано дефинирање на празникот“ кој се чествува на 24 мај. Притоа, се констатира дека „празникот отсекогаш бил пројава на бугарската национална еманципација“ и дека како таков бил чествуван повеќе од 200 години. Во образложението се нотира како неспорен историскиот факт дека Св. Кирил ја открил словенската азбука – глаголицата, додека на св. Климент Охридски му се припишува создавањето на кирилицата.

Понатаму се образложува дека кирилицата ја „заменува потешко восприеманата глаголица“ и се „востановува и наметнува токму во Бугарија во време на цар Симеон“. Во документот всушност се прави концептуална разлика помеѓу глаголицата со „докажан сесловенски карактер“ и кирилицата која е претставена како „чисто бугарска творба, која со посредство на бугарското културно влијание меѓу православните христијански народи се наметнува како графички систем и кај нив“.

Со утврдувањето на бугарскиот национален идентитет во време на преродбата и создавањето на бугарскиот книжевен јазик, „се канализира бугарската азбука“, која е изворна и оригинална и оттатму се разликува од другите кирилски писма. Од тоа се извлекува и заклучокот дека неможе да стане збор за некаква „сесловенска писменост,“ бидејќи кирилицата е „докажано бугарска“.

Од конфузната историска нарација содржана во документот, произлегува дека неможе да постои сесловенска писменост, бидејќи кирилицата е бугарска, што би значело дека другите народи кои пишуваат на кирилица не би биле словени.

За бугарските политичари, терминот „словенска писменост“ всушност го игнорира историскиот придонес на Бугарија за писменоста и културата на словенскиот свет и поради тоа неопходно е да биде заменет со „бугарска писменост“. На тој начин, се доаѓа и до „коректната“ историска оправданост за промената на формулацијата при празнувањето на 24 мај.

Образложувајќи го предлог-законот во бугарскиот парламент, доц. Милен Михов од партијата ВМРО во парламентарната група „Обединети демократи“, се повика на „бугарската писменост како основа на државноста на бугарскиот дух“, кој може да биде „посилно оружје и од ракетите и нуклеарното вооружување“.

Констатирајќи дека словенската азбука била создадена од браќата Кирил и Методиј, која била користена од Византија за сопственото културно и политичко влијание во Западен Балкан, Мицов прави концептуална разлика со „бугарскиот наратив“ кој според него започнува со пристигнувањето на учениците на Кирил и Методиј во Бугарија во 80-те години од 9 век.

Оттаму, создавањето на кирилицата во Бугарија која ја заменува словенската глаголица, тој ја претставува како резултат на „фундаменталното реформско движење“ на бугарските владетели.

Неговиот сопартиец, Красимир Богданов, образложи дека „кирилицата е чиста бугарска творба, создадена од Климент Охридски, во бугарската држава, во време на бугарските средновековни цареви“. Според него, преку празнувањето на 24 мај, Бугарите всушност ја реализирале сопствената еманципација од другите словенски народи. Богданов заклучува дека токму поради тоа, Бугарите не треба да патат од комплекси, бидејќи „словенофилството е политичка доктрина на друга држава, која со тоа претендирала да ги реализира своите империјални цели и тенденции уште од времето на Петар Велики“ (Vmro.бг, 1.10.2020).

Самата содржина на документот и расправата за истиот во бугарскиот парламент, го покажува апсурдот на политичкото читање и интепретирање на историјата, што станува главна одлика на бугарската политика во последните години. Михов не ги криеше политички мотиви, образложувајќи дека бугарската држава и Бугарската академија на науки (БАН) одамна признале дека не постои македонски јазик, меѓутоа со терминот „словенска писменост”, Бугарите самите се одрекувале од тоа (Dariknews.bg, 1.10.2020).

Мотивирани од напорите за историско делегитимирање на посебноста на македонската нација, македонскиот идентитет и македонскиот јазик, бугарските политичари на секој начин настојуваат да ги „бугаризираат“ личностите поврзани со Македонија, што ги вклучува и словенските просветители Кирил и Методиј, св. Климент и св. Наум.

Доволно е да се погледнат стенограмите од средбите меѓу Крсте Црвенковски и Тодор Живков од минатиот век, за да се согледа бугарската политичката доктрина во однос на средновековната историја на Македонија, која воопшто не е променета, независно од дистанцирањето од некогашната комунистичка идеологија.

Не е само Гоце Делчев, туку и јазикот, ќе констатира актуелната бугарска министерка за надвореши работи.
Документот содржи и дополнителна политичка димензија, произлезена од тенденциите за парирање на руската политичка контекстуализација на потеклото на словенската азбука.

Овогодинешната изложба организирана од Русија по повод празнувањето на 24 мај во Софија, во која Москва ја демонистрираше директната врска со словенската азбука, претставуваше најдобар индикатор за претезиите на Софија и Москва. Разбирливи се „комплексите“ од Русија, што го констатираат самите бугарски политичари, кои датираат од 19 век. Тоа ја објаснува и намерата на секој начин да се „докаже“ исклучивата историска заслуга на Бугарија за ширењето на словенската писменост на секој агол во светот. Оттаму и настојувањето да се конструира претстава за кирилицата како изворен продукт на средновековна Бугарија и тоа преку св. Климент Охридски.

Не случајно притоа тенденциозно се игнорира Климентовата клучна дејност во создавањето на Охридската книжевна школа, со која тој ги продолжува изворните Кирилометодиевски традиции, од кои бугарските политичари настојуваат да се дистанцираат.
Нарацијата содржана во документот, претставува класична политичка манипулација со историскиот контекст, бидејќи не постои ниту еден изворен податок кој ќе го поткрепи ваквото тврдење. Уште повеќе, Св. Климент никогаш не пишувал за себеси дека е „Бугарин“, ниту, пак, го идентификувал јазикот или азбуката создадена од неговиот учител Кирил со поддршка на Методиј, како „бугарска“.

Во Житијата за Кирил и Методиј, како и во сочуваните дела на св. Климент, не се содржани други термини, освен „Словени,“ „словенски јазик“ или „наш јазик“. Сето друго е манипулација со историјата со цел акомодирање и присвојување на културните и историските традиции, што започнува со Византија и Теофилакт Охридски од крајот на 11 и почетокот на 12 век и продолжува и во денешни времиња.
Опседнати со своите надворешно-политички амбиции во однос на Република Македонија, бугарските политичари не забележуваат дека доколку ги изгласаат промените во парламентот, засновани на историското оправдување содржано во документот, идната година на 24 мај во Бугарија повеќе нема да се прославуваат св. Кирил и Методиј.

Согласно конфузната политичка логика и историски контекст на документот, со кој се прави дистанцирање од словенската писменост, св. Климент се претставува како креатор на „бугарската писменост“. Оттаму, Бугарија би требало да го прославува св. Климент на 24 мај, наместо светите Кирил и Методиј, како што тоа ќе го прави македонскиот народ и останатите словенски народи во светот. А св. Климент ќе се слави на 8 декември, како што и доликува.
Апсурдот да е поголем, документот е во контрадиција со публикацијата на Бугарската академија на науки (БАН) за „Официјалниот јазик на Република Северна Македонија,“ толку помпезно промовирана во мај годинава, во која, исто така се насетојува да се конструира историската претстава. Колегите од БАН, пишуваат за наводно егзистирање на „бугарски словени“ во Македонија, Солун и Солунско уште од 7 век, што е ставено во функција на наметнување на „бугарски“ етнички предзнак на словенските просветители.

Притоа, колегите од БАН ја означуваат словенската азбука – глаголицата како прва „словенска и бугарска азбука“, заснована на „старобугарскиот“ говорен јазик во Македонија (Митко Б. Панов, Како Бугарија и Грција ја делат историјата на Македонија?! , Expres, 10.05.2020).

Спротивставените верзии кои сега циркулираат во Бугарија во однос на словенските просветители, сепак имаат едно заедничко. Обете не се во согласност со природата на научната мисла и не се ништо друго туку конструкти предодредени од единствената цел за наметнување на „бугарскиот“ етнички и јазичен континуитет во Македонија од 9 век до денес, што воедно треба да ја претстави Бугарија како единствено заслужна за промовирањето на словенската азбука во Европа.

Додека бугарските политичари кои бараат промена на формулацијата на празнувањето на 24 мај неосновано го „бугаризираат“ св. Климент, колегите од БАН истото го прават со светите Кирил и Методиј. Сето тоа го рефлектира апсурдот на читањето на минатото подредено на политиката, засновано на конструираната интерпретација на историјата! Тоа ја прави уште поапсурдна работата на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, која се сведува на прифаќање на бугарското догматизирање на историската „вистина“!

SHARE