Армијата на Нашата Земја – Пишува Роберт Димитриевски

Од мое и од името на нашата редакција, дозволете ми наши читатели на сите наши граѓани да им го честитам Денот на Армијата на Нашата Земја.

Како вчера да беше кога нашата територијална одбрана се трансформира во наша армија за одбрана на нашата земја. Нашите први војничиња немаа доволно ни пушки, а камоли чизми, но, сполај му на Бога, благодарејќи на нашата сегашна министерка за одбрана се набавија 7.200 чифта, па со цврсти чекори одмарширавме до НАТО. И толку ги импресиониравме нашите стратешки партнери, што дури и британската амбасадорка во честитката за Денот на Армијата на Нашата Земја ни призна дека нејзината држава „е посилна со нашата нова членка на НАТО“!

Оттаму, солзи сами капат, прости ми, додека ја гледам свечената церемонија на одбележувањето на празникот на нашата војска. Не издржа срце јуначко, па со трепет во душата го проследив обраќањето на министерката за одбрана на нашата земја. Уште не дорече „честит роденден Армијо наша“, а солзите-радосници сами се стркалаа од очиве, пред да ме собори она „нека љубовта и лојалноста кон татковината ти го осветлуваат патот кон иднината“. Поезија чиста како солза.

Само кога тоа ќе го каже таа може да звучи толку гордо. Ич нека не го спомнува името на државата. Сите знаеме дека си е наша, на нашите граѓани. Исто како нашата армија.

Не за џабе и претседателот на Нашата Земја не користи такви зборови, кои, нели, само непотребно би ја оптовариле честитката за празникот на нашата армија. Доста е и нашето знаме што го става наместо името на нашата држава. Штом една Велика Британија ем Северна Ирска се чувствува посилна со 30. членка на Алијансата, има ли некој воопшто на планетава што би се чудел за која земја станува збор?

Си знаеме ние многу добро кое чие е и нема што да се правиме важни или, не дај Боже, националисти, па на секој чекор да „тупиме“ со името. Тоа ли ќе ни ги храни децата? Или картичката на која една домаќинка од министерка што како дете месела зелници убаво, прогресивно и добрососедски ќе напише „купувам домашно“? Да не случајно ја расипеме калимерата со нашите сојузници од југ. И да останеме гладни. И боси. Па да немаме ни за влечки, а камоли за чизми.

Значи, уште еднаш, по кој знае кој пат – наши сме си и тука сè си е наше: и државата, и татковината, и земјата, и армијата, и… Мислите дека случајно имавме дури и конфекција „Наше дете“? Некој бил визионер уште во она време, море, еееј…

SHARE