Арсовска контра Вучиќ: „Мал Шенген“? Не, благодарам

Претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Даниела Арсовска, ја отфрла идејата на шефот на српската држава Александар Вучиќ за создавање „мал Шенген“ на двете држави со Албанија.

За Арсовска, тоа е „ретрограден став што одамна не е понуден“ и идејата „треба да згасне пред да се роди“.

„Во време кога сме условно пред НАТО и со можност за пиочнување на преговори со ЕУ, чудна е идејата да влегуваме во економска ‘дибоградба’, ‘мал Шенген’ со Србија, која има различни определби од македонските во надворешната политика, посебно за пристапувањето во евроатлантската алијанса“, вели таа во писмена изјава.

За Албанија, пак, Арсовска нагласува дека во сите извештаи за напредокот е чекор зад Македонија, па заедничкото економско делување не би придонело значајно за македонскиот развој.

„Како да не ни беше доволно што сме во ‘гето’, на Западен Балкан, па сега во уште помал формат да се изолираме во мал Шенген со некаква илузија дека ќе процветаме? Зошто би правеле вакви економски микро сојузи кога цел треба да ни биде да спроведеме структурни реформи за да станеме дел од единствениот економски пазар на ЕУ, а не вечно да чекаме пред вратите на ЕУ. Не, благодарам!“, вели Арсовска во писмената реакција за предлогот од српскиот претседател.

SHARE