Астеруд: Не Радмила, во голема грешка си и треба да се извиниш

„Не, Радмила, во голема грешка си, и треба да ги признаеш, и грешката, и повредата. Главната поента не е дали воената криза од 2001 е далеку за нас (?!), ама кога веќе ја користиш за поентирање, да потсетам дека во период пост-воена криза, за залекувањето на раните и за помирувањето, треба многу такт и обзирност, двонасочно, па и повеќенасочно во нашево општество, и тоа децении и децении подоцна, дотолку повеќе што има загинати и жртви на воени злосторства и злосторства против човештвото“ ѝ пишува на министерката за одбрана Радмила Шекеринска поранешната пратеничка, Каролина Ристова Астеруд.

„Но, главната утка и главната поента со фотографиите со градоначалникот на Кичево во неговиот официјален градоначалнички кабинет е во тоа што тој си испозакачил симболики со кои ударно и отворено ја повредува неутралноста што локалната власт треба да ја проектира.

Освен официјалните државни и локални симболики, на сите други симболики, на сите други партикуларности во општеството, не им е место таму, без оглед дали се политички, партиско-политички, верски, етнички или идеолошки. Тие и такви партикуларности, како и нивните симболики, си имаат друг простор, места и платформи за изразување, манифестирање и дејствување.

реба да биде јасно дека кога ќе го облечеш мантилот на државата, на државната и на локалната власт, треба да ги соблечеш сите други, но кај нас се’ почесто и се’ повеќе тоа се повредува, во прилог на такви манифестни фаворизирања, по разни основи, и тоа е загрижувачки тренд, со загрижувачки и опасни импликации. Впрочем, не случајно се измислени официјални симболики на државната и локалната власт (знамиња, грбови, униформи, и сл.), засебно и наспроти сите други кои како партикуларности постојат во дадено општество и држава, односно токму за поентирање дистанца и неутралност, а секако и за општествена и државна кохезија. Тоа се мислени и обмислени работи, споредбено, како и кај нас.

Во конкретниот случај, нема што симболика на ОНА/УЧК да се наоѓа во кабинет на градоначалник! Тоа во старт ја доведува во прашање неутралноста на локалната власт, ја расклатува довербата кај (нефаворизираното во симболиката) граѓанство, како и создава тензии и конфликтност. Ако реперот ти е дали политичарите му служат на граѓанството на објективен и неутрален начин, во старт тоа тука е нарушено, со ударна и манифестна симболика, а ефективно и во однос на суштинско -функционалната. Тоа е спротивно на сите вредности , стандарди и пракси на кои редовно се повикуваш, и знам дека го знаеш тоа.

Затоа, наместо крајно нетактично релативизирање, дефокусирање, па и замена на тези, чесно е да се извиниш дека си легитимирала таква повреда на симболиките на неутралноста на државната и локалната власт, и да делуваш политички таа и таква повреда да се надмине, таму, сегде и секогаш кога е направена“, пишува професорката Ристова-Астеруд на Фејсбук.

SHARE