Атанасов во 95. минута донесе бод против Израел и ја остави селекцијата до 21 година во трката за ЕП

Погодокот на Јани Атанасов од слободен удар во петтата минута од судиското продолжение ѝ донесе на фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година реми 1:1 против Израел и зачувување на второто место во групата од квалификациите за Европското првенство 2021.

Гостите имаа голема шанса да слават, откако Шај Елијас по 21 минута им донесе водство, а Ејлон Хаим Алмог изведе пенал во 55. минута, но Ристе Јанков му го одбрани ударот.

По осум одиграни кола Македонија има 14 бода, два повеќе од третопласираниот Израел, кому му гостува во следниот круг на 12 ноември.

SHARE