АВМУ обвини за ширење дезинформации од проект финансиран од амбасадата на САД во Скопје

Агенцијата за Аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) смета дека проектот FNFN создаден за утврдување на лажни вести кој е финансиски поддржан од американската амбасада во Македонија, објавува лаги и шири деизнформации.

“Наводите објавени во „Топ листа на дезинформации во случајот Рекет“ изработена од F2N2, проект на Граѓанската асоцијација МОСТ – Скопје, дека директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски во емисијата „Код“ пласирал дезинформација се неточни и се само уште еден пример дека отсуството на проверка на фактите доведува до создавање и ширење дезинформации”, се вели во реакцијата на АВМУ.

Од АВМУ објаснуваат дека во листата, изјавата на Трајчевски е оквалификувана како дезинформација и покрај тоа што од неа беше сосема јасно дека се информира за активностите на Агенцијата во врска со покренатата постапка против 1ТВ за утврдување тајно содружништво, односно за барањето на Агенцијата до МВР за проверка на добиените сознанија и за добивање информации од значење за постапката. Проверката на информации и меѓуинституционалната соработка не може да се поистоветува со ширење дезинформации, поради што Агенцијата реагираше на демантот на МВР.

„Реакцијата беше објавена на повеќе медиуми и ако F2N2 ја почитувал сопствената методологија и цели, требало да ја има предвид нејзината содржина како и да ги провери сите факти пред да даде оценка за дезинформација“ се вели во реакцијата.

Од АВМУ додаваат дека вистинското орудие во борбата против дезинформациите е целосното, вистинитото и објективното прикажување на настаните и ова особено треба да го имаат предвид сите оние коишто се залагаат и работат на борбата против дезинформации.

„Презентирањето половични информации од организација којашто се бори против дезинформации и лажни вести додека истовремено повикува на објективност, точност, почитување на професионални стандарди, етички принципи и култура на говор е крајно непрофесионално“, стои во реакцијата на АВМУ.

Проектот FNFN кој го организира провладината невладина организација МОСТ која ја раководи Дарко Алексов нема никакво искуство во работа со медиуми и информирање на јавноста.

Во својата работа на темата лажни вести во медиумскиот простор се постави како бранител на владините политики и како егзекутор на медиумите кои се критички настроени кон Владата.

Проектот на Мост во најголем број случаи таргетира критички настроени медиуми и политичари а ги игнорира лагите и дезинформациите пласирани од медиумите под контрола на Владата и на функционерите на Владата и на СДСМ.

Во своите извештаи ФНФН свесно и несвесно пласирал лажни информации и конструкции за да создадат погрешна претстава за одредени медиуми или личности.

Посебен проблем на проектот е паушалноста и аматерските анализи на порталот од страна на луѓе со спорни квалификации на полето на медиумите и лажните вести.

Истражувањето која се води од одредени медиуми за поврзаноста на проектот со функционери на државни институции под контрола на владата може да ја открие позадината на ваквата поставеност на ФНФН и Мост.

На сајтот на FNFN стои дека проектот е делумно финансиран од Амбасадата на САД во Скопје.

SHARE