Балканот ќе биде разорен ако стане тампон зона за мигранти, смета холандска експертка

Претворањето на регионот на Западен Балкан во тампон зона за сместување бегалци од Блискиот Исток што не можат да преминат на територијата на Европска унија не само што не е препорачливо, туку би имало разурнувачки ефект врз регионот и цела Европа, оценува холандската експертка за тероризам и екстремизам Биби ван Гинкел.

„Тоа е нешто што никако не е препорачливо. Такво сценарио би имало разорувачки ефект на регионот и на целиот континент. Тоа е сценарио во кое Турција, на пример, вели дека ќе ги отвори портите и ќе ги пушти бегалците во Европа ако ЕУ не го направи тоа што го очекува Анкара од неа, а од друга страна државите членки на ЕУ ја засилат контролата на границите“, вели научната соработничка на Меѓународниот центар за борба против тероризмот во Хаг за порталот „Балканска безбедносна мрежа“ ((www.balkansec.net).

Во таков случај, според неа, шефовите на држацвите на Балканот треба да ѝ се обратат на ЕУ и да направат заедничка стратегија за справување со нов бегалски бран.

„Не сум сигурна колку се координирани носителите на политичките одлуки во овој регион во контекст на таков предизвик. Тоа секако би им препорачала да го сторат бидејќи тоа би ги направило посилни, заедно да разговараат со ЕУ и да најдат решение за кое сметаат дека е соодветно“, додава Ван Гинкел, која е и координаторка на кластерот за безбедност на Клингендал институтот за меѓународни односи од Холандија.

SHARE