БАН го негира нашето право на самоидентификување


Институтот за македонска литература најостро реагира на ставот на Бугарската академија на науките дека македонскиот јазик „не постои“, т.е. дека е „писмено-регионална норма на бугарскиот јазик“.

Наместо БАН како највисока научна установа во Република Бугарија преку науката да ги афирмира воспоставените научни и културолошки интеракции меѓу македонскиот и бугарскиот народ за градење пријателство и меѓусебно разбирање и почитување, индиректно активира политички инволвирања во директното негирање на македонскиот народ и на македонскиот јазик, што претставува повреда на меѓународното право за себеидентификување.

„Со ваквата изјава се негира постоењето на македонскиот јазик, литература, историја и култура и со тоа се врши негирање на македонскиот национален идентитет. За македонскиот јазик, литература, историја и култура се објавени стотици илјади монографии, студии, ставови и аргументи на македонски и на други светски јазици од реномирани домашни и странски слависти, филолози, историчари, социолози, етнолози, политиколози, културолози со кои се докажува правниот и историски континуитет на македонската нација, која постои со македонскиот јазик“, велат од Институтот, пренесува „Макфакс“.