Белгија го доби дербито против Англија со 1:0 и со максимални девет бода го освои првото место во групата Г од Светското фудбалско првенство во Русија.
Стрелец на единствениот гол во 51. минута беше Аднан Јанузај, роден во Брисел во семејство на Албанци од Косово.
Белгијците во осминафиналето на 2 јули ќе играат со Јапонија, а еден ден подоцна Англичаните ќе ги одмерат силите со Колумбија.
Токму Јапонците, а не Сенегал, се пробија меѓу 16. најдобри селекции на мундијалот благодарејќи на новото правило за ферплеј и на двата жолти картона помалку од африканскиот тим, со кој во групата Х завршија со идентични четири бода и гол-разлика 4:4, како и со реми 2:2 во меѓусебниот дуел!
Јапонија загуби со 1:0 од Полска со голот на Беднарек во 59. минута, а со таков резултат беше поразен и Сенегал против Колумбија, за која погоди Мина во 74. минута.
Во мечот за престиж од групата Г славеше Тунис со 2:1 против Панама, иако дебитантот поведе со автоголот на Меријах во 33. минута. Пресвртот го донесоа Бен Јусеф во 55. минута и Хазри со погодокот 15 минути подоцна.
На тој начин Африка остана без осминафиналист на СП 2018, откако сите пет претставника на континентот – Сенегал, Тунис, Мароко, Египет и Нигерија – го завршија настапот во групната фаза.
Во првиот елиминациски круг ќе играат десет репрезентации од Европа (Русија, Шпанија, Португалија, Франција, Данска, Хрватска, Швајцарија, Шведска, Белгија и Англија) четири од Јужна Америка (Бразил, Аргентина, Уругвај и Колумбија) и по една од Азија (Јапонија) и од зоната КОНКАКАФ (Мексико).