Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија средбата на партиските работни групи за законот за јавно обвинителство откако не била прифатена нивната иницијатива за присуство на државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски.

Пратеникот Антонио Милошоски, истакна дека „ВМРО-ДПМНЕ ќе го продолжи учеството на вакви средби … кога ќе биде обезбедено неговото присуство.

Тој потсети дека во декември Јовевски имал големи забелешки на разговорите и на Предлог-законот за ЈО истакнувајќи дека е потребно да се донесе квалитетен закон кој нема да е резултат на политички договарања.

На денешната средба присуствуваа и претставници на меѓународната заедница, односно од Американската амбасада, Делегацијата на ЕК во Скопје.

„Ја поздравуваме иницијативата за одржување средба во поширок формат во присуство на парламентарни групи и со присуство на меѓународни претставници, со една мала забелешка дека со ваков поширок формат на средба требало да се разговара пред една година наместо една недела пред распуштање на Собранието“, рече Милошоски.

Милошоски и на Фејсбук напиша дека инсистираат на присуство на државниот јавен обвинител

„Побаравме присуство на, од собранието избраниот, државен обвинител Љ. Јовески, кој на 27.Дек 2019та упати силна критика за ваквиот предлог закон дека „она што е неопходно е носење на нов Закон за обвинителство, но ќе подвлечам квалитетен и издржан закон, а не решенија кои ќе бидат резултат на дневно-политички договарања. Подобро да не се донесе закон, отколку да се изгласа закон со вакви решенија“ (цитат). Сметаме дека Јовески како клучен претставник на јавното обвинителство не треба да биде заобиколен на вакви пошироки работни средби кои се однесуваат на Законот за институцијата Јавно обвинителство. За жал оваа иницијатива беше одбиена од министерката Дескоска.

Остануваме на располагање за продолжување на дијалогот за Законот за јавно обвинителство во присуство на државниот обвинител Јовески и министерката Дескоска!- напиша Милошоски.

SHARE