Без книшка ни на лекар ни во аптека

Откако Фондот за здравство пред една недела им наредил на лекарите, лековите кои ги издаваат да ги впишуваат и во здравствената книшка на пациентот, во картонот, во електронскиот систем  „Мој термин“ како и во дневник, практично се усложнува одењето на лекар и подигнување на рецепти во аптеките.

Наредбата на Фондот наиде на револт и кај лекарите, но и кај пациентите. Лекарите велат дека сега двојно повеќе време ќе трошат на административни работи, а со тоа и времето на чекање на пациентите ќе се зголеми.

 „Барем педесетина пациенти бевме приморани да ги вратиме дома од кои поголемиот дел можеби две третини воопшто немаат здравствени легитимации. Сега влегуваме во еден процес на кој што пациентите што немаат книшки ќе треба прво да набават, ќе мора да заверат кај работодавецот, па кај ФЗОМ, па дури тогаш да дојдат на лекар и да добијат здравствена услуга“,вели Д-р Ненад Лазаров за „24 Вести“.

Наместо да се надградува електронскиот здравствен систем, ние во 21ви век се враќаме на хартија, порачуваат дел од лекарите.

Од фондот за здравство нема објаснување што е целта на оваа наредба. Од 1 октомври стапува во сила и наредбата во аптеките лекови да се подигаат со рецепт, но и со обавезно  легитимирање со лична карта или пасош.