Без rule of law, нема ЕУ! – пишува Гордана Силјановска

Најповторуваната синтагма во мојата кампања беше “Rule of law.
Најповторуваната синтагма на мојот противник беше „реал политика“.

Победи супер реалистот, со кампања водена по рецептот на Макијавели и неговата максима: Целта ги оправдува стредствата.

Така, современите тукидитовци и макијавелисти, на „правиот“ пат кон високата ЕУ цел, ги жртвуваа: националната историја, културната меморија и името.

Го изложија македонскиот идентитет на загрозата од големонационалистичките „добросососедски“ апетити.

Попатно, во неуставната и непарламентарна игра за гласови за уставни измени по балкански рецепт, ја суспендираа правната процедура, за жал, со европски благослов!

Со еден неуставен потег на перото, покрај преспанскиот договор, во уставна игра го вклучија и рамковниот договор, кој што, воопшто не било предвидено да биде внесен во преамбулата во 2001 година. Така, ние сме единствената земја, покрај БИХ и Кипар, во чиј устав се споменуваат договори.

И кога наивно веруваа и не убедуваа дека во октомври, националната болка ќе ја замениме со одата на европската радост, се обзнани првиот и најважен копенхагеншки услов: владеење на правото. ама, од него, ни траг ни глас во „европска“ Македонија.

Канибалистичката реал политиката го изеде.

Во отсуство на правна држава, владетелите и нивните подржувачи го трансформираа реализмот во дарвинизам и карикатурален цезаризам, со тешко нарушена поделба на власта, во корист на владата и премиерот, декоративно , безгласно собрание, тивок, политички непрепознатлив претседател, зависно судство, инструментализирани медиуми по партиска или олигархиска основа, баронизирано и неавтентично цивилно општество, со ретки исклучоци.

Не убедуваа дека во октомври, на неопходната национална болка ќе и ставиме крај со објава на одата на европската радост. ама, тогаш се обзнани првиот и најважен копенхагеншки услов: владеење на правото. од него, ни траг ни глас во „европска“ македонија. го изеде реал политиката!

Во очекување на новата методологија, сметав дека ќе препознаеме знак за највисока тревога, враќање на законодавната функција во собранието, жива, транспарентна, наместо зад затворени врати активност на собраниските тела, отворен институционален дијалог меѓу власта и опозицијата, почитување на деловничката процедура, усогласена активност на т. н „техничка влада“, запирање на злоупотребата на државните и јавни институции и ресурси за политичка кампања, елиминирање на говорот на омраза и негово санкционирање….

Ама, властодржците и нивните прегласни подржувачи, зашеметени од привелегиите и исплашени за нивното губење, си продолжија со илибералната политичка игра, инспирирани од Макијавели и Хобс, не помислувајќи на Монтеские и „за духот на законите“.

Сепак, нестрпливо го очекувам утрешниот ден, иако одамна холивуд не ме импресионира. Тамара, Самир, Љубомир и Фејми, како да ја огласија делчевата порака за светот како поле за културен натпревар на народите.

Во време на вредносен и морален понор, во амбиент на екоцид, дури и во порочниот холивуд, „ Медена земја“ како да ја разбуди и разбурка човечката свест и совест, како да делува како духовен лек за (не)хуманоста, како да повикува на катарза.

Ете, во медената земја Македонија (како што велат озарените Самир и Фејми), во една заборавена пустелија, со исконска моќ, едно прекрасно човечко суштество , Атиџе Муратова , негува совршена љубов кон оние од кои и со кои живее- пчелите, несебечно делејќи го заедничкиот дом- природата, кон болната мајка, кон децата, храбро, чесно и стоички борејќи се за својот, но и за нивниот опстанок.

Холивуд не е имун на политика, ниту оскарите секогаш одат во вистински раце, ама се надевам дека овој пат „медена земја“ ќе го собере заслужениот мед!

Гледам кокичињата предвреме расцветале во дворот.

SHARE