Бидете она што сакате да бидете! – Д-р Пехчевска Поп-Илиев

Единствено што дава резултат во животот е да се биде она што вистински сме. Сите останати варијанти произведуваат незадоволство и гнев. Можеби не секогаш е видливо за да го воочиме лесно, но во нашата внатрешност тоа се одржува и се појавува низ животот.

Гледајќи низ моите животни одлуки и низ одлуките на луѓето со кои се дружам и работам, кога и да е направен компромис со нашето вистинско јас, последиците се очигледни. Порано или подоцна тие излегуваат на површина.

Што сакам да бидам кога ќе пораснам? Прашање кое многу често ни го поставувале кога сме биле мали и сега од забава им го поставуваме на нашите деца. И секогаш кога ќе го поставиме ова фамозно прашање, разбираме дека во основа тоа е најважното прашање кое сме требале да го одговориме многу порано. Ова важно прашање многу често без било каква причина им го поставуваме на нашите деца, без притоа да обрнеме сериозно внимание на нивните одговори.

И кога би знаеле дека во основа тука се крие решението на нашата животна равенка за среќен, исполенет и успешен живот, веројатно многу повнимателно ќе се посветевме на овој одговор.

Немаше да имаме толку многу генерации на млади луѓе кои навистина збунети во својот избор и немаат баш јасна претстава во што се добри, кон што имаат афинитети и кои се нивните интереси. Многу помалку би ги слушале “поискусните” за совет, кој најчесто истиот го даваат базиран на своите лични искуства и верувања, и кои со леснотија им сугерираат каде има најголема заработувачка и што е најдобро да се работи.

Секако дека овие совети не се точни баш поради тоа што не се базирани на индивидуалните интереси и склоности на децата, туку ги задоволуваат очекувањата на родителите, блиските, општествените норми и вештачки поставени правила за среќа.

Многу од нас и до ден денес се во таква ситуација и сѐ уште се “мачат” при тоа трошејќи драгоцено време, нерви и пари, а не разбирајќи зошто така се чувстуваат. Оправдувајќи се дека животот е тежок и дека sвездите не им се на сите наклонети, дека има криза која трае постојано и дека мора да се заработува за да се преживее.

И така од генерација во генерација се создаваат нереќни и незадоволни луѓе кои не знаат зошто наутро не им се станува за на работа, одат на работа која ја презираат и за која зборуваат сѐ најлошо.

Да ми кажеше некој кога имав 15 години дека постојат методи и начини како да си го олеснам изборот и полесно да си ги решам кариерните предизвици сѐ ќе беше многу поедноставно. Немаше да одам на сигурно само затоа што ме убедуваа дека од тоа што го сакам и не се заработува баш најлесно. Цели 10 години потрошив за да го најдам вистинскиот начин како сакам да го правам тоа. Одев по споредни патеки, понекогаш и слепи патчиња, но никогаш не се откажав од она што го чувстував вистински. Им кажував на моите блиски дека сакам да им помагам на луѓето да бидат среќни, но тогаш ретко кој ми веруваше дека тоа е возможно. Многу од нив и ден денес мислат дека тоа е нереално.

Како кариерен советник, коуч, тренер, сфатив дека најбитно е внимателно да ги слушате луѓето кога раскажуваат за својата работа од сoништата. Тука лежи суштината и одговорот на сите прашања кои следат.

Кога некој ќе каже дека како мал сакал да биде пожарникар или полицаец дали го замислувате денес како работи во кацеларија по 8 часа без возбуда во својата еднолична работа? Или кога некое дете раскажува како многу посакува да биде астронаут кога ќе порасне, дали го гледате среќен како работи покриен со купишта харија околу себе? Секако дека не.

Додека некому му е интересно да работи со бројки, други имаат нагон за повраќање од нив, или додека некој не може да поднесе да носи униформа, други не можат да се замислат без неа. Сите ние сме различни и имаме различни потреби за среќа. Зошто тогаш успеваме да си го направиме животот пекол занемарувајќи ги своите афинитети, а притоа исполнувајќи ги очекувањата на другите околу нас?

Свесна сум и за тоа дека многу од нас веруваат дека времето во кое живееме е тешко и кризно и дека многу е комплицирано да се најде работа онаква каква што посакуваме. Но верувајте, никогаш не било полесно од сега, да се дојде до вистинскиот избор. Со целата поддршка од дигитализацијата и интернетот, со сите стручњаци од областа на кариерно советување, коучинг, ментори и тренери, никогаш не било полесно да се доближите до својата работа од сонишата.

Кога бев мала, не претпоставував дека и за овие работи има решение и дека постојат луѓе кои само ова го работат, им помагаат на другите луѓе да бидат среќни кога одат на работа. Бев многу мала за да знам какво занимање точно сакам да работам, но знаев дека ќе биде нешто доволно големо и значајно за мене.

Да станеме тоа што вистински посакуваме да бидеме – освен ако сѐ уште не сме пораснале! Или не сме доволно храбри да си признаеме дека сме пораснале. А кога не сме доволно храбри и се криеме позади рационализмот тогаш не го живееме својот сон туку нечиј друг.
Изборот на нашата работа е избор на нашата животна мисија. До вистински избор на нашата животна мисија ќе стигнеме само ако работиме нешто што навистина го сакаме и во кое навистина уживаме.

Пишува:
Д-р Мирјана Пехчевска Поп-Илиев, експерт за личен и организациски развој, професионален коуч, кариерен советник

SHARE