Бигорскиот манастир и одлична екипа за првата божиќна претстава во Македонија

Македонската детска публика за прв пат во земјата преку драмска претстава можеа да научат нешто повеќе за празникот Рождество Христово.

Можноста дојде преку драмската изведба на приказната „Најубавиот подарок за Божик“ од авторот Воскресија Бадниковска.

Зад овој проект како што објавува Бигорскиот манастир стои и продуцентската куќа „Аурипигмент“, а во реализацијата зедоа учество и популарните млади актери од филмската школа „Тинтири Минтири“.

Ова прво драмско дело од ваков вид со учество на толку многу деца – актери, но и општо земено прва Божикна претстава во нашата земја, која беше поставена во театар „Комедија“, ја имаше таа чест во својата изведба да ги запише и имињата на реномираните актери Дејан Лилиќ и Марина Поп Панкова.

Нивниот магичен настап и неверојатна харизма на сцената успешно ја внесоа публиката во убавината на Божикниот настан и ја поттикнаа активно да се заинтересира за пораките кои произлегуваа од содржината на драмата.

Вешто составените дијалози преку кои, освен Божикниот настан се третираа и актуелни теми, добро ја исполнија својата улога и на децата им пренесоа вистинско празнично расположение и чувство за поголема другарска солидарност, љубов и добрина, а не пропуштија и слатко да ги насмеат со комичните ноти кои провејуваа во драмата.

Освен споменатите, не помал удел за успехот и масовната посетеност на ова драмско дело, имаше и режисерот Кузман Кузмановски, драматуршкиот соработник Билјана Крајчевска, музичкиот соработник Владимир Димовски, популарните пејачи Влатко Лозановски – Лозано и Димитар Андоновски, како и водителот од ТВ Канал 5 Ване Маркоски.

Се надеваме дека претставите од ваков едукативен вид ќе станат постојана практика, особено спроти значајните христијански празници и настани.

SHARE