„Билд“: Француското вето е и за Србија, Црна Гора, БиХ…

Договорот од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција што реши долготрајниот спор за името меѓу двете земји требаше да биде де факто предуслов за почнување на патот кон ЕУ. Сега, Париз вели дека тоа ќе треба да почека на некакви непрецизирани реформи во ЕУ во наредните години, а можеби и децении, пишува поранешниот шведски премиер Карл Билт во колумна за весникот „Вашингтон Пост“ пренесува СДК.

„Француското вето не е вето само за Северна Македонија, туку за целиот процес на проширување во Западниот Балкан, ефективно потопувајќи ја целата политика. Тоа можеби не е наведено експлицитно, но меѓу редови, тоа е вето и за Србија, Црна Гора и БиХ. Тоа неминовно ќе има последици по останатите нерешени прашања во регионот“, вели Билт.

За францускиот претседател Емануел Макрон, Билт вели дека зборува елоквентно за одговорностите на Европа и сака да се позиционира себеси како личност која ќе ја лансира ЕУ на нова траекторија на глобалната сцена.

„Тоа е сѐ добро и итно потребно, но нема никаква врска со уништувањето на кредибилитетот на ЕУ во самата Европа. И додека земјите на Балканот ќе останат економски зависни од ЕУ, неминовното забавување на реформите и интеграцијата ќе принуди многу повеќе млади луѓе од регионот да ја бараат својата иднина во ЕУ. Тие што ќе останат ќе бидат привлечени од опасните политики на национализмот и носталгијата. Со одземена иднина, тие ќе се вратат во минатото. На крајот, тоа е Балканот. Сме виделе што се случи претходно“, завршува Билт, кој во 90-те години од минатиот век беше посредник во војната во БиХ и специјален претставник на Генералниот секретар на ОН за бивша Југославија.

SHARE