Бизнис

Владата со билатерални договори ќе ги олеснува последиците од ЕЕС системот за превозниците

Македонија со билатерални договори го решава проблемот со камионскиот транспорт во Шенген-зоната, рече министерот за транспорт Николоски. Во однос на најавените протести вели дека не смееме да паднеме во замката на колективизација.

Владата и Министерството за транспорт продолжуваат да бараат решенија за проблемите со кои се соочуваат македонските превозници по воведувањето на системот „ЕЕС“ (Entry/Exit System) во Европската Унија, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. За најавите од дел од превозниците дека би можеле да организираат протести доколку до 1 септември не се најде решение, Николоски рече дека Владата е во редовна комуникација со превозничките здруженија и дека се работи на конкретни решенија преку билатерална соработка со земјите од Шенген-зоната.

  • Имаме редовни средби, ако не на една недела, тогаш на две недели. Имаме одлична соработка. Во однос на проблемот што настана со воведувањето на ‘Ентри-егзит’ системот на Европската Унија, ние го правиме нашиот максимум и превозниците имаат целосна поддршка – изјави Николоски.

Тој посочи дека прашањето е во надлежност на ЕУ и Шенген-зоната, но дека Македонија презема конкретни чекори за намалување на последиците преку склучување билатерални договори со одделни земји. Според Николоски, Македонија веќе има такви договори со Хрватска, Швајцарија и Романија, додека интензивно се работи на договори со Австрија, Унгарија и Германија.

  • Очекувам во текот на октомври да започнеме разговори и со Словенија и на тој начин да бидат покриени земјите каде што нашите превозници најчесто работат или транзитираат – рече тој.

Во врска со најавените протести, Николоски оцени дека тие не се најдоброто решение и дека приоритет треба да биде продолжувањето на разговорите и изнаоѓањето конкретни решенија.

  • Мислам дека е поконструктивно да наоѓаме решенија и не мислам дека протестите се решение. Секако, тие се крајна форма, но ние во изминатиот период наоѓаме решенија и ќе продолжиме да ги наоѓаме – нагласи министерот.

Николоски додаде дека смета оти дел од притисоците поврзани со ова прашање имаат и политичка заднина од соседството.

  • Она што го добив како чувство е дека една соседна држава прави притисок за таа работа пред сè од политички причини. Нека си ги решаваат своите проблеми. Ние имаме индивидуален пристап и ќе ги решаваме проблемите онака како што мислиме дека е најдобро – истакна тој.

Министерот се осврна и на пристапот кон земјите од регионот, нагласувајќи дека Македонија треба самостојно да ги застапува своите интереси, наместо проблемите да се третираат колективно под етикетата „Западен Балкан“.

  • Не смееме да паѓаме во замката на колективизација на проблемите. Долго време има обид целиот регион да биде претставен како едно. Ние славиме 35 години независност за некоја недела и враќањето назад би било најлошото нешто што може да ѝ се случи на државата – порача Николоски.

Инаку, Македонските превозници најавија дека се можни протести блокади на патишта ако на состанокот во Брисел кој е закажан за првиот ден од септември нема конкретно решение. Според превозниците, најголем проблем во моментов е неизвесноста на граничните премини. Тие тврдат дека различното толкување на правилото 90/180 од страна на службениците создава дополнителен ризик за професионалните возачи.

Најнови вести од: Бизнис

По СЕПА, инстант плаќањата се следниот чекор во модернизацијата и регионалното поврзување на платниот систем

Крајната цел е премин од стандардни кон инстант плаќања во денари и евра и интегрирање на домашниот платен систем во поврзан регионален и европски платежен екосистем.

Министерката за финансии најави буџет од 7,2 милијарди евра за 2027

За капитални расходи во 2027 година се предвидени околу 663 милиони евра. Средствата треба да се насочат кон патната и железничката инфраструктура, образованието, енергетиката и комуналните проекти. За пензии се издвојуваат дури 2 милијарди евра.

Од 2027 нова обврска пред патување во Шенген зоната – се воведува системот за одобрување на патување

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во писмо испратено до земјите членки пред октомврискиот состанок на Европскиот совет најавила дека ETIAS се очекува да биде активиран следната година.

HELLENiQ ENERGY инвестира над милијарда евра во обновливи извори и складирање енергија во Романија

HELLENiQ ENERGY ја забрзува својата регионална експанзија со планирани инвестиции од над една милијарда евра во Романија до 2030 година, насочени кон развој на обновливи извори и системи за складирање енергија. Со целно портфолио од 1,3 GW, Романија станува вториот најзначаен пазар за раст на компанијата, по Грција.

Мисијата на ММФ во посета на Народна банка

Посетата е дел активностите на ММФ со земјите членки и претставува можност за размена на мислења и разгледување на состојбите во економијата и финансискиот систем, спроведувањето на економските политики и предизвиците во претстојниот период.

To top