Кандидатот за претседател на државата, професорот Блерим Река одбил да биде советник на противкандидатот во првиот круг на пртетседателските избори и акттуелен претседател на државата Стево Пендаровски.

Река образложил дека не сака да нанесе штета, ниту себе си, ниту на Пендаровски, со оглед на тоа дека по првиот круг и писмото до симпатизерите да гласаат за евроатланска иднина на Македонија, добил голем број критики и обвинувања дека имал договор со Пендаровски.

Во меѓувреме, од Кабинетот на Пендаровски потврдија дека тимот на претседателот се екипира.

Советник за национална безбедност ќе биде Блерим Кољали, човек со децениско искуство во мисијата на НАТО во Скопје кој претходно има работено и во американската амбасада. Советник за надворешна политика ќе биде дипломатот од кариера Гоце Карајанов, кој бил Генерален конзул во Њујорк и амбасадор во Русија и чие минато напредување се поврзуваше со поранешната владејачка структура. Во делот на односите со јавност, ресорот го презема Билјана Радева која речиси 8 години во Британската амбасада беше задолжена за комуникација со медиумите. Важи за експерт за дигитална дипломатија. 5 години работела во Министерството за одбрана, од кои 2 била шеф на кабинетот на министерот.

Пендаровски се реши да ангажира и неколкумина надворешни соработници – звучни професорски и судиски имиња познати во јавноста: Денко Малески, Беса Арифи и Мирјана Лазарова-Трајковска. Надворешни советници ќе бидат и поранешниот министер Александар Димитров и амбасадорот во пензија Александар Тавчиовски. Од претходно беше познато дека шеф на претседателскиот кабинет ќе биде екс-владиниот портпарол Миле Бошњаковски, а политички советник професорот од правниот факултет Александар Спасов.

Под ингеренциите на претседателот на државата е Агенцијата за разузнавање. На нејзино чело Пендаровски го планира Ерол Муслиу, човек од редовите на агенцијата, кој е во оваа институција од нејзиното формирање.

SHARE