Пратеникот Павле Богоевски, поднесе оставка на денешната седница на која требаше да се расправа за одземање на мандат на пратеникот и екс-премиер Никола Грувски.

Изненадувачкиот потег следеше откако пратеничката Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ побара дополнување на дневниот ред. Односно, пред да се почне расправата за Груевски да се расправа и да се утврди одговорност на Павле Богоевски за кршење на етичкиот кодекс за однесување на пратениците.

Според неа Богоевски го прекршил етичкиот кодекс нарачувајќи како што рече таа забранета наркотична супстанца.

Кога се очекуваше да  се стави предлогот на гласање на говорницата излезе Богоевски и кажа дека си поднесува оставка.

„Гласот за одземање на мандатот на Никола Гуеврски ќе биде моето последно гласање во ова Собрание“ рече Богоевски и додаде дека од сега па натаму не е прашање дали Павле Богоевски ќе биде пратеник туку дали пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе го заштитат, како што рече, „криминалецот во бегство“, Никола Груевски.

Тој рече дека ја дава оставката сега, а ќе стапи во сила по гласањето на пленарна седница за одземање на пратеничкиот мандат на шест месеци неоправдано отсутниот Никола Груевски.