Бојаџи до „фашистите“ на власт: Почна со уметниците, заврши со „педерите“

Режисерот Јани Бојаџи се обраќа до одговорните во власта и јавно се прашува дали претерал кога при забраната на неговиот филм “Ругање со Христос” ги нарекол фашисти.

Бојаџи кој беше цел на невидени напади од страна на министерот за култура и премиерот открива дека повторно е на удар на власта која му забранила драмска претстава во Велешкиот театар.

Целото обраќање на Бојаџи:

Драги мои, со вас не е можен ниту Мир – а камоли пак по-Мирување!

Навистина, ама навистина направив се за да погледнам внатре во себе си, да вдишам длабоко и да се преиспитам, дали навистина беше премногу кога пред четири месеци за прв пат јавно, на телевизија ве нареков фашисти!?

И, тогаш реков дека се плашам оти бесот и омразата ќе прераснат во исклучивост и реваншизам кој нема да се задоволи само со отфрлање од општеството на оние кои ви се спротиставуваат, туку ќе ескалира во нивно систематско стигматизирање, етикетирање, сегрегација, па дури и создавање на државен апартхејд со кој ќе ги изолираат неистомислениците во социјални и уметнички гета.

И еве, се случува: по филмот на ред сега дојде и театарот, каде што јас исто така творам како режисер.

Имено, претставата “Ревизор“ која јас и моите долгогодишни соработници – композиторот Горан Трајкоски и костимографот Невенка Тасева Петровиќ почнавме да ја работиме во Народниот Театар “Ј.Х-К. Џинот“ во Велес, после речиси двомесечни игри и преписки со директорот на театарот Александар Ивановски, ни дадоа Известување дека го ПРЕКИНУВААТ ПРОЕКТОТ И СОРАБОТКАТА СО НАС!

Типично за самобендисани и педантни административни егзекутори, ни испратија Известување по Мејл! Ниту еднаш не не повикаа на разговор во врска со проектот. Заеднички да побараме и најдеме решение за ситуацијата која самите си ја создадоа. Имено, тие, без наше знаење, без наша согласност, без воопшто да не прашат за тоа, средствата наменети за подготовка на театарската претстава, инаку светска драмска класика “Ревизор“ од Николај Васиљевич Гогољ ги потрошиле ненаменски за друг, туѓ проект! Ама решиле од нас да бараат одговорност за тоа! И во преписките, типично за нив – кукавички инсинуираат вина врз мене! На ист начин на кој пред осумдесет години оние пред нив – ги обвинија Евреите. Виновни се само затоа што се Евреи! Така и ние: виновни сме затоа што сме тоа што сме. Луѓе кои решиле да бидат слуги на уметноста наместо на глупоста!

Драги мои арлекини, лесна и презрена беше вашата игра со нудење на услови кои беа понижувачки и недостојни за нас ем како за луѓе ем како на уметници: затоа ви рековме дека се согласуваме со сите ваши барања кои беа надвор од умот! И уживавме кога не знаејќи што и како да ни одговорите се повторувате, плеткавте и преглумувавте – “како актер беден кој час-два се препелка на сцена а потоа умира и никој не го гледа!“ – рекол поетот Вилјам Шекспир кој во тој момент кога го пишувал тоа сигурно ве имал вас на ум! Горевме од желба да видиме до каде ќе стасате. Сакавме да знаеме, колку ниско може да паднете шегувајќи се со вашите преписки со нас, па ги определувавме жанровски од вас цитираните форми на надзор, инспекции, одлуки и ревизии според кои вие имате право на се а ние на ништо!

Се според европските демократски стандарди, без правна поука, и без право на жалба!

Ама овие педантни известувања драги мои џелати, тие архивски заверки, уредби, потписи и печати, како и кај архинацистите ќе бидат доказите кои ќе ве издадат и ќе сведочат за тоа како денес уништувате, забранувате и укинувате творци, уметници и нивните дела! Тие во овој момент, само обични бирократски преписки ќе сведочат за вас “ариевците“ и за нас “чифутите“ со кои не сакате да си го валкате Рајхстагот и кабинетите со недостојни, на кои ионака ќе им се пресуди колективно – со ликвидации или бркање од земјата со која среќно ќе владеете Илјада Години!

Епа, драги мои, од Илјадагодишниот Рајх ви останаа уште 998 години! Првите две ги поторошивте.

Сега сме 1935 тата година, според аналогијата на историјата, која ќе ја повторите, овој пат како фарса! Пред вас се четири години до започнувањето на војната и уште пет години долго и мачно војување на многу фронтови. И се така до крајот, кога ќе се затрупате и црвјосате во урнатините кои ќе ги оставите зад себе!

Но во меѓувреме ќе предизвикате егзил од апокалиптични размери, ќе го разделите народот на кила и грамови. Брат на брат ќе крене рака. Син на татко. Мајка и ќерка ќе си плукнат во лице!

И ќе издржам во таа борба само за да ве видам напикани таму каде што сте се родиле, според Свети Августин: во измет и урина!

И пак се прашувам, исто како на почетокот. Да ве наречам Фашисти, праведно ли е? Не знам. Но знам дека првата работа што ја направиле вашите антиподи Национал социјалистите во Германија било на Евреите да им ги одземат работилниците и алатите за работа! И ги пуштиле да живеат! “Живејте“ -им говореле! “Слободни сте да живеете, ама не смеете да работите и да заработувате за живот “!

Ова драги мои го надминува Фашизмот и во историјата е познато како – Нацизам!

Ете така е денес со мене и моите соработници, драги мои егзекутори. Ми го одземате алатот за работа-режијата и работилницата-театарот и ми викате: “слободен си, оди и живеј слободно“!

И пак од почеток, прашувам?! Како да живееме во мир кога е сосема, ама сосема јасно дека од нашата земја правите тиранија на страв во која молчењето или егзилот ќе бидат единствениот избор на уметникот?

И пак?! Како ќе се помириме кога оние кои навистина го запалија Рајхстагот ќе бидат амнестирани и наградени а вината ќе биде фрлена на неколкумина мои колеги уметници кои ќе немаат ниту право на правда ниту право на глас?

Ама така почнува таа работа – со Уметниците а завршува со “Педерите“!

И со молчење!

И, знам дека во вој момент добриот Бертолд Брехт од високо го гледа овој “Eпски театар“ и ми вели: ти О Јани заборави на Постулатите!

Таман работа О Мајсторе, ги знам напамет:

“Да бидам храбар и да ја пишувам Вистината, иако таа се поттиснува насекаде.
Умот мора да ја препознае Вистината, иако таа ќе се прикрива насекаде.

Треба да бидам умен и Вистината да ја употребам како оружје и да ја дадам во рацете на тие што ќе знаат да го употребат.
И да бидам лукав за да ја проширам Вистината меѓу лукавите“!

Штом ви го кажувам ова, сосема е јасно дека не сум лукав! Но, вие О лукави, направете така како што рекол добриот Брехт, оти тој беше лукав.

Претпоставувајќи што ќе се случи, веднаш по доаѓањето на нацистите на власт во Германија Бертолд Брехт заедно со Макс Рајнхард заминува во Америка. Брехт во егзил ги напишал најдобрите пиеси. Рајнхарт во 1943 година умира во сиромаштија! Последно што знаеме за него е огласот во еден њујоршки весник дека “ефтино дава часови по актерство“. Брехт, се враќа во Источен, комунистички Берлин, во 1949 година. Таму го формира прославениот театар “Берлинер ансамбл“.

Сето останатото е историја на Убавото и Возвишеното.

Не грижете се, О драги мои мачители, иако сега панично го бркате, уплашени од тоа што се може да види во тапиите од вашето работење, еден ден ќе влезе “Ревизор“ и во вашата паланка! Е тогаш, како и секој друг лик од водвиљ смешно и невешто ќе се криете во сопствените пазуви, уплашени од историјата да не ве претстави од страната на Грдото и Ниското!

Иако ве има поприлично на број, О не грижете се, мене и да ме нема, секогаш ќе се најде некој Пушкин да ве смисли и некој Гогољ да ве запише. Ама се надевам и некој нов Нирнберг за да ви се суди за сето ова зло денес и целиот оној ужас што допрва ќе го направите! На сите! До еден. Од прв до последен! Е тогаш, ќе се помириме. Можеби?