Болтон на Лавров со насмевка: Македонија е многу комплицирана држава

Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, на средбата во Москва со Џон Болтон, советник за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, го покренал прашањето за притисокот од САД на гласањето за промена на Уставот на Македонија, на што Болтон само се насмевнал и рекол дека станува збор за „многу комплицирана држава“.

„Му реков дека нè обвинуваат за мешање не само во изборите во САД, во Шпанија (Каталонија), во ‘Брегзит’… Сега е во мода да нè обвинуваат за сè што се случува во Западен Балкан… Ние рековме дека молчевме во текот на подготовките за македонскиот референдум, додека престолнината Скопје ја посетија генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис, германската канцеларка Ангела Меркел, кои јавно, директно, без заобиколување бараа од македонските избирачи да гласаат за својата иднина, да кажат ‘да’ на референдумот за тоа дали сакаат да бидат членка на ЕУ и на НАТО, ‘само ако’ го променат името на земјата. Тоа е итра формулација, која крши многу нешта“, изјави Лавров во интервју за телевизијата Русија 1.

Шефот на руската дипломатија потсети дека референдумот не успеа и оти во македонското Собрание беше спроведено гласање за отпочнување процедура за промена на Уставот.

„И осумте гласови што недостигаа – тоа е отворено соопштено во Македонија – се добиени делумно со поткупување, а делумно со ветување дека против нив нема да биде покрената кривична постапка… Додека се случуваше тоа, во зградата на Собрание на Македонија се наоѓаше амбасадорот на САД, кој не седеше. Тоа му го реков на Болтон, на што тој одговори дека тоа е ‘многу комплицирана држава’“, објасни Лавров.

 

SHARE

1 Коментар

  1. Проф. Игор Јанев изјавува дека постои решение за проблемот, а притоа нема потреба од промена на името. Објаснува: Резолуцијата 817 е препорака, не е одлука и не е задолжителна за Генералното собрание на ОН. Тврди дека достоинствено политичко решение со Грција не постои. Неговата препорака се состоела од прекин на преговорите, по што Нимиц за ова би го известил генсекот. Веројатно Грција и генсекот би побарале седница на Советот за безбедност, кој би донел нова резолуција за продолжување на преговорите, која повторно не би била обврзувачка. Неговиот став е дека ООН не можат да ја натераат Македонија да преговара за своето име. Чекорот што потоа го предлагаше проф. Јанев за Македонија е поднесување барање за точка на дневниот ред на Генералното собрание на ОН, за која би одлучувал Генералниот комитет, и оваа точка најверојатно би поминала, а потоа прашањето се става на гласање на Генералното собрание, каде што со просто мнозинство би се гласало продолжувањето на членството на Македонија под уставното име. Кој ќе ја преземе одговорноста за неимплементирањето на оваа предложена стратегија?

Comments are closed.