Борбата за Македонија никогаш не запира – пишува Горан Момироски

Македонија деновиве ја доживеа својата наголема национална трагедија по Букурешкиот договор.

Македонија денеска е тема на влијателни европски медиуми кои прашуваат дали Северна Македонија воопшто има национален идентитет. Каков пораз и понижување.

За понижувањето кое ни го приреди власта во кое откако домашните некадарници создадоа терен чекавме грчките националисти да одлучуваат како ќе се нарекуваме, ќе суди историјата некогаш но и граѓаните веднаш.

Иако никој јавно не кажа која е опасноста која ја демне Македонија ако не го смени името јасно е дека земјата се соочувала со крв до колена. Нема друго образложение што може да го оправда ова предавство кон нашите претци, кон сегашните генерации и кон тие што ќе не наследат.

Не треба да се има дилеми дека Македонија како народ, идеја, како слободоумност минативе 15 месеци се бореше со најсилниот противник, се бореше со западната политичка елита и западната цивилизација кон кои се стремиме да се придружме и можеби затоа оваа разврска уште повеќе боли.

Не треба да се има заблуда дека имавме шанси да се бориме против овие сили кои преку своите вазали во македонската влада ги спроведоа своите регионални балкански идеи со глобален вкус.

И тука не треба никој да си ја удира главата затоа што не сторил доволно. Поделената Македонија без никаква реална поддршка од било кој светски фактор не можеше да го смени текот на историјата

За жал или за среќа битката за идентитет не е завршена, и она малку што остана од него ќе мора да се брани со сите средства. Бетонираниот идентитет каков што го прикажа владата е обична шарена лага која допрва ќе излезе на виделина.

Допрва ќе се води војната со последиците од Преспанскиот договор и промената на уставот со која Македонија стана виртуелна конфедерација.

Македонските граѓани етнички Македонци (колку и да звучи ова нелогично во една национална држава) ги очекуваат мачни обиди да го зачуваат својот идентитет како Македонци затоа што актуелните власти нема да им помогнат во таа битка.

Ги очекува катастрофална ситуација во која ќе се санкционира секој официјален претставник што ќе користи само Македонија без да каже дека е Северна. Замислете да се откажете од своето исконско право, од дедовина и татковина за да задоволите нечии лични интереси во Грција.

На надворешен план започнува битката да не бидеме Славомакедонци во Грција, Словени во Албанија, Бугарски Македонци во Бугарија, Северномакедонци во Србија, Nordmakedonien/Nordmazedonian во Германија и цела северна Европа …….

На внатрешен план ќе се бориме со радикализмот кај полиитчките структури кои бегајќи од реалност и политички и изборни порази ќе заминат во крајност со своите политички агенди, што може да биде почеток на крајот и на оваа осакатена Македонија во која нема веќе мнозинство и малцинство ниту во етничка ниту во политичка смисла. Има само политичко насилство кое многу лесно може да се претвори во реално насилство.

Со оглед на тоа што актуелните власти нема да сакаат да се грижат за своите национални интереси за да не ги налутат новите нви лични пријатели јасно е дека товарот ќе падне на веќе разочараните интелектуалци и дијаспората.

Македонија и Македонците во овие битки ќе го имаат на своја страна меѓународното право, толку многу пати прекршено токму во нашиот случај. Ќе го имаат и својот пркос и креативност, правдата и љубовта кон Македонија.

Битката започна, ќе има многу прилики сите што досега седеа настрана да ја исправат својата грешка. Претседателските избори се првата прилика секој што со нечинење или погрешни постапки го поддржаа осакатувањето на нацијата да се активираат за да се спаси тоа што остана од Македонија.

Битката за Македонија никогаш не запира. Особено не сега кога има многу повеќе Македонци од Северномакедонци.