Бранко Героски: Насер Минхаузен (Селмани) да престане да лаже

Уредникот на весникот Слободен Печат и порталот Пмусинфо.мк одговара на обвинувањата на претседателот на ЗНМ.

“Насер Селмани мене не може да ме импресионира – или да ме застраши – со тоа што ќе ги коментира моите ставови од позиција на неговата непостоечка “сила”.

Тоа што човекот ги гради ставовите со странски дипломати, без да ги консултира телата и органите на ЗНМ, без да ги почитува колегите, е негов проблем, а не мој. Јас не сум активен во ЗНМ и се додека здружението е вакво, немам намера да трошам од моето скапоцено време на активности во оваа приватизирана и узурпурана организација.

Но, на некои подметнувања на Селмани, сепак, мора да зд одговори.

Прво, Селмани би требало да знае дека издавач на Плусинфо е здружението на граѓани Член 16, кое е правен субјект како и секој друг. Член 16 е ДДВ обврзник, а речиси сите ангажирани во Плусинфо се редовно вработени, со платени придонеси и со пристојни плати. Нема апсолутно никаква суштинска разлика меѓу функционирање на здружение од такив формат и фирма. Член 16 секоја година плаќа независна ревизија на своето финансиско работење и претседателот на ЗНМ е поканет да изврши увид и самиот да се увери дека ревизиите се беспрекорни. Колегата Насер клевети без основа, како што веројатно научил во империјата МПМ, од каде што потекнува.

Второ, Селмани, како и повеќе други злонамерници, манипулираат со фактот дека фирмата издавач на “Слободен печат” (во која ни јас ни било кој од редакцијата нема удели), доби грант од Фондот за иновации. Ќе го замолам менаџментот на компанијата спрема Насер Селмани да покрене соодветна правна постапка со цел тој да биде принуден да ги повлече своите клеветнички тврдења кон мене и кон редакцијата.

Трето, мене не ми е познато како Груевски ги корумпирал медиумите. Медиумите во кои јас работев не беа во милост на режимот на Груевски. Селмани потекнува од МПМ и веројатно има искуство како е да се биде дел од корумпиран медиум.

Четврто, Селмани безобразно измислува дека сум се приклучил кон нркаква кампања на телевизиите за да се добиеле државни пари за референдумот. Не ми е познато дека се води таква кампања. Не ми е јасно како е можно претседателот на ЗНМ да се служи со вакви безобразни лаги. Јавно ги повикувам Атанас Кировски од Телма, Иван Мирчевски од Канал 5, Васко Ефтов од Алфа и сите други директори на телевизии да кажат дали било кој од нив разговарал со мене на оваа тема. Ма не бре на оваа, на било која тема во последниот месец-два!

На Насер Минхаузен мора да му се каже да престане да лаже и да верува во сопствените лаги!

Конечно, сакам да нагласам дека ставовите на Селмани се во целосна спротивност со европските практики. Претаедателот на ЗНМ е неинформиран за најновите трендови, веројатно не чита стручна литература и се занимава само со интриги и со директиви што ги добива од локални дипломати. Дури се сомневам дека ова последново е точно.

А сето тоа е тажно за човек што треба да ги артикулира интересите на македонските новинари”, пишува Бранко Героски.