Борко Ристовски не се најде на скратениот список од 19 ракометари што селекторот на македонската репрезентација Данило Брестовац го одреди за претстојниот старт во квалификациите за Европското првенство 2022.

Одлуката на Брестовац изненадува бидејќи првиот голман на европскиот првак Вардар и долги години на националниот тим беше избран во идеалната седморка на последното коло во Лигата на шампионите, кога забележа 18 одбрани и постигна четири гола.

Пред „министерот за одбрана“ предност добија Никола Митревски од Порто, Мартин Томовски од Лудвигсхафен и младиот Марко Кизиќ од Вардар.

Од стандардните репрезентативци отпадна и вардаровото десно крило Гоце Георгиевски.

За Ристовски и за популарниот Џомба селекторот ќе сметал во иднина, како што изјави.

Покрај наведеното трио голмани, повикани се и крилата Манасков, Маџовски, Костески и Поповски, пикерите Стоилов, Пешевски и Н. Маркоски, како и бековите Талески, Кузмановски, Танкоски, Мишевски, Лазаров, Велковски, Серафимов, Кукоски и Д. Георгиевски.

Македонија ќе ги почне квалификациите на 4 ноември против Финска во Скопје и три дена подоцна со Швајцарија во Цуг, а во групата е и Данска.