Брзо читање – вештина на новото време

Со усвојување на методот „брзо читање“ најмалку тројно се зголемува брзината на читање, се здобива попозитивен став кон читањето и учењето, а како резултат на тоа се станува поефективна личност, која може да се фокусира на конкретна работа без поголем напор и притоа да ужива и да го управува своето време

Читањето е процес што бара и предизвикува неколку сложени реакции – сензорни, искуствени, перцептивни, мисловни… Читаме за да се информираме, за да научиме или за да се забавуваме.

Потврдено е дека постојат многу индивидуални разлики во тоа како и на кој начин читаме. Многумина имаат присвоено лоши навики на читање, кои одземаат време, но и влијаат лошо врз разбирање на прочитаното.

Со брзото читање излегуваме на крај со лошите навики, а штедиме и време. Помнењето ни служи за долгорочно потхранување со информации, но и за присетување на нив кога ни е потребно.

Со усвојување на методот брзо читање најмалку двојно се зголемува брзината на читање, се стекнува попозитивен став кон читањето и учењето, а како резултат на тоа се станува поефективна личност, која може да се фокусира на конкретна работа без поголем напор и притоа да ужива и да го управува своето време.

Брзото читање од корен го менува приодот кон читањето и учењето, а децата што ќе ја совладаат оваа техника се многу посамоуверени и брзо напредуваат затоа што немаат страв од читање и од учење.

Потврдено е дека поради субвокализацијата, со традиционалното читање еден просечен возрасен читач може да чита со брзина од една до една и пол страница во минута или од 250 до 400 зборови во минута, белетристика.

Традиционалниот начин на читање со векови не се променил, а ние сѐ повеќе треба да учиме, што значи дека ни е потребно усовршување на техниките за читање што помагаат за поголемо искористување и активирање на нашиот мозок.

Од когнитивен аспект, брзото читање се состои од вежбање на усвојување на целината на мислите, т.е да се разбере поентата во неколку одеднаш видени зборови, да се создаде слика од прочитаното, а не да се поврзуваат одделните зборови.

Ова се вика контекстуално или активно читање, уште додека читате се донесуваат заклучоци за прочитаното.

Ова е можно со проширување на видното поле, што секој може да го направи, со зголемување на брзината на ритмичното движење на очите, т.н лизгање по текстот и намалување на субвокализацијата за околу 50 проценти.

На тој начин, додека читаме паметиме слики и асоцијации, а не зборови, а знаеме дека сликите се паметат подолго и оттаму е тврдењето дека меморијата е посилна при брзото читање. Имено, нашиот мозок не знае што сме прочитале додека не си создаде слика за прочитаното. Важно е да се знае дека вештината брзо читање поттикнува истовремена активност на двете хемисфери.

Брзото поврзување и претворање на прочитаното во слика ве прави поприсутни и со поголемо влијание, нешто што отсуствува при традиционалното читање затоа што мозокот има време да си мисли и на други работи.

Човек се смета за паметен ако развива поголема интелигенција, а ова, во секој случај, е еден од начините бидејќи индиректно се елиминира стресот од мислечки активности, се зголемува свесноста за своите способности, способни сте за подобра организација на своите идеи и, едноставно, имате време за сѐ.

Овој метод е корисен за секого, од ученици, средношколци, студенти, наставници, професори и за сите што сакаат професионален развој. Минималната возрасна граница за совладување на брзото читање е осум години. Не постои ограничување според возраста, интелигенцијата, претходното работно искуство, успехот во училиште, просекот на факултет, професијата или друго.

За време на описменувањето во училиште околу 50 проценти од децата со леснотија го усвојуваат читањето. За другата половина тоа е тешка задача, од кои за 20 до 30 проценти читањето станува една од најтешките когнитивни задачи во животот.

Притоа неопходно е да се совлада способноста за гласно читање со точност, со соодветна брзина и изразност. Кога нема да се совлада течното читање, читачите читаат бавно и со напор, што им го отежнува помнењето на прочитаното и поврзувањето на идеите изнесени во текстот со сопственото искуство поради тоа што е нарушен ритамот на читањето.

Тие што ќе совладаат течно читање не трошат многу време на препознавање на зборовите, па можат своето внимание да го пренесат на смислата на текстот. Според тоа, дури и кога сме возрасни, кај тие кај кои се јавува поголема потреба од читање, настанува фрустрација што укажува на тоа дека способноста за квалитетно совладување на информациите е чувствително прашање за секој поединец.

Загрижувачки е податокот дека многу родители уште во основното образование им ги читаат и раскажуваат лекциите и лектирите на своите деца.

Често се мешаат поимите концентрација и фокусирано внимание. Концентрацијата е свесно убедување на самиот себе за насочување на вниманието кон нешто.

Причините за распрсканоста на честичките на вниманието се слабата мотивација, недостигот од интерес за темата, несоодветна брзина на читање, недостиг од фонд на зборови, лоша организација, но и краткотрајните пораки што доаѓаат од присуството на мобилните телефони, социјалните мрежи, вклучениот телевизор додека читаме.

За разлика од тоа, фокусот е отпуштена состојба на будност што значи да се чита, пишува, решава задачи, да се учи со леснотија, без оптоварување од просторот и од времето. Ова задоволство е еднакво како тоа кога се занимавате со омиленото хоби. Додека тоа го работите немате желба да погледнете во телефонот, во телевизорот….

Брзо читање може да се научи на неколку начини: со присуство на семинар каде што ве води обучувач низ техниките на брзо читање, сами следејќи инструкции во прирачниците за брзо читање или на интернет.

М-р Гордана Андоновска
Сетифициран обучувач за методот за брзо читање Power reading

SHARE

Оставете Коментар