Јануш Бугајски, висок соработник на Центар за анализи на европската политика (СЕПА) од Вашингтон, изнесе црна слика за иднината на Македонија ако не си го смени името.

„Во најлошото сценарио, Македонија отфрла промена на името и се враќа во замрзнат статус пред цврсто затворените врати за влез во НАТО и во ЕУ. Умерената социјалдемократска влада паѓа, економијата опаѓа, национализмот се зголемува, етничките тензии растат, а граѓанските немири ескалираат. Наместо да стане столб на регионалната безбедност, Македонија прераснува во фактор на нестабилност во кој секој од нејзините четири соседни држави ќе биде вовлечен во кавгата“, пишува консултантот за источноевропски прашања на различни владини агенции и невладини организации во САД.

Неговата визија за Македонија предизвика лавина од реакции на (про)македонски активисти со спротивен став.

„Македонците и секој добар студент на меѓународна политика ја гледаат оваа ситуација таква каква што е – грчката влада ја блокираше македонската соработка со НАТО и со ЕУ бидејќи таа одбива да го смени своето име, Преспански договор не застанува тука и тоа е клучен елемент со кој се соочуваат милиони. Уште еднаш, ‘само промена на името’ се поврзува со договор со кој се предвидува ревизија и уредување на македонските училишни учебници“, вели Методија Колоски, претседател на Обединета македонска дијаспора (ОМД).

„Се плашам дека ова е заплашување за проблемот со Македонија. Ако Преспански договор пропадне – а јас се надевам дека тоа ќе се случи, бидејќи тој ќе промени повеќе отколку само името на Македонија – Македонија ќе продолжи да се залага за членство во ЕУ и во НАТО и ќе продолжи тесно да соработува со двете организации“, смета Џејсон Мико, поранешен почесен конзул на Македонија во Тусон, Аризона.

„Коментарите како овој се обидуваат да ги претстават Балканот и Македонија како вулкан на ирационалност подготвен да експлодира секој момент. СЕПА ги меша современата политика, референдумот, вековите историја и влезот во ЕУ и во НАТО во едно големо буре барут. Тоа е целосна заблуда и несфаќање зошто Македонците се навредени од она што се случува“, коментира Алистер Стјуарт, директор за комуникации во ОМД.

SHARE

Оставете Коментар