Бугарскиот тенисер Димитров позитивен на Ковид-19!

Најдобриот бугарски тенисер на сите времиња Григор Димитров објави на Инстаграм дека е заразен со коронавирус.

„Сакам да ги известам сите фанови и пријатели дека излегов позитивен на тестот за Ковид-19 по враќањето во Монако. Сакам секој што бил во контакт со мене во текот на изминатите денови да се тестира и да ги преземе неопходните мерки на претпазливост. Многу ми е жал за секоја непријатност што можеби сум ја предизвикал. Сега сум вратен дома и закрепнувам. Ви благодарам за поддршката и ве молам да останете безбедни и здрави“, порача тој на социјалната мрежа.

Поранешниот трет светски рекет, откако триумфира на АТП-финалето во 2017 година, се врати во својот дом од Задар, каде што настапи на турнирот „Адрија тур“ организиран од Новак Ѓоковиќ. Бугаринот учествуваше и во првиот дел од егзибицискиот турнир во Белград, а по објавувањето на веста дека е позитивен, беше откажано финалето во Задар меѓу Ѓоковиќ и Русинот Андреј Рублев.

Во Задар минативе денови имаше и повеќеилјадна публика, а тенисерите, меѓу кои и Александар Зверев, Марин Чилиќ, Борна Чориќ, се забавуваа себеси и фановите играјќи и кошарка, и фудбал, а се дружеа и со деца.

Турнирот го посети и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

SHARE