Царовска до Тамара: Викни “За Македонија”, последниот еднорог

Вокалната солистка Тања Царовска која гради меѓународна кариера а нејзиниот глас се слуша во песни на неколку холивудски филмски хитови и честита на Тамара и апелира до својата колешка откако таа не ја спомена Македонија во финалето на Евровизија.

“Тамара, ко ќе победите и ко ќе пееш пак те молам викни “за Македонија”!!! Или “фала од Македонија” или ајлавју Македонија!! Ова ќе биде последната таква изјава видена од толку многу луѓе, последниот еднорог. Ти ќе ја имаш честа. Честито!”.

За време на интервјуата со водителите на Евровизија додека водеше на табелата Тамара зборуваше за својата земја и за Скопје но не спомена ниту еднаш ниту им се заблагодари на Македонците или на Македонија.

Царовска вчера пред Евровизија да почне во подолг статус ги објасни нејзините ставови, тагата и емоциите за песната на Тамара:

Гордост

Ја слушам песнава на Северна Македонија за Евровизија на Јутуб.
Ја слушам и искрено, ми се плаче.
Не од што ми се допаѓа. Ниту пак од што не ми се допаѓа. Индиферентна сум на ваков тип на музика одамна, не ме интересира баш. Не велам дека е лоша, напротив ме радува што има луѓе што ги допира. Забавна е Евровизија, еве јас правам веганска пица и вино специјално за вечер, ќе гледав филм ама ако имало Јуровижн – Јуровижн ит ис.

На тимот од Македонија им посакувам успех, Тамара несомнено воодушеви со изведбата во живо, многу зрело, секоја чест Тамара. Песната звучи моќно ко за на ваква натпреварувачка манифестација на популарна музика ама музиката и мелосот бајаги влечат накај тажачка нота, како нешто да е изгубено, наместо накај триумфална химна, за да му парираат подобро на текстот. Нејсе, не секој го забележува тоа, добро се стокмени заедно и функционираат, гаѓаат баш кај што им е целта.

И баш тоа е она што ме растажи.

Песната носи порака дека треба како девојки и жени да застанеме гордо и исправено против сеуште често-активната родовска дискриминација, да бидеме силни и храбри, да не се чувствуваме притиснати да играме по нечии туѓи правила, со една реченица, да не дозволуваме некој да не калапи како што сака самоа затоа што сме “послабиот пол” (а не сме). Песната се вика Proud и тоа што се пее на англиски во овој случај е неопходно, или да речам ќе беше. Ќе беше зашто си замислив сценарио. Сценарио како баш со оваа песна настапува на Евровизија Македонија, несеверизирана. Како баш со ваква песна (навидум посветена на девојчињата) Македонија покажува среден прст на сите што пробуваат да ја модифицираат во своја корист, да ја сменат за да ја одобрат. Полн погодок од песна!

Само, а little much too late.

Не гледам како било која гордост е поинаква од гордоста да се биде човек со македонско потекло, поточно Македонец. Гордост која никогаш и не постоеше сама по себе во модерно време, гордост која се роди и исправи единствено поради дискриминацијата од други нации, поради глупостите сервирани од надвор, кон една мала држава во развој, прекрасна компарација со едно младо девојче што треба да е гордо и да и се спротивстави на омаловажувањето и неправдата, зашто право да порекне име и прекрсти никој нема.

Но таквата гордост беше прогласена за лудост зашто беше вмровска работа. Сељачка работа. Десничарска работа. Не-европска работа. Секаква работа освен работа на еден човек кој исправено и достоинствено стои во одбрана на своето право.

Па нели таа радост и гордост и сега ја чувствувате како нација? Инаку зошто би биле горди на Тим Тамара?
Како тоа сега да а тогаш кога најмногу ни требаше – не!?

Гордоста сама по себе е непотребна и често смешна, мене тој збор ми е туѓ и не го употребувам, но неопходен за жал во одредени случаи – да не беа неправедно дискриминирани жените, немаше зошто да речат дека се горди што се жени, ќе беа само жени. Да не беа дискриминирани хомосексуалците, немаше зошто да бидат геј енд прауд, ќе беа само геј. А македонците не ќе мораа да се глупираат со Горди Македонци, ќе беа само Македонци. Гордоста има смисол само кога некому му е порекната еднаквоста и правото.

Ми се плаче, искрено, зашто неверојатна ми е контрадикторноста и лошиов тајминг на песнава.

Really? Сега ваква песна? Ова ќе беше триумф ако се испочитуваше резултатот на референдумот за Преспанскиот договор и едноставно кажевме Не!

Ма какво евровизиско финале, еве ви кои сме ние!

Или: “This is me and thanks to you I’m proud!”

Оваа држава која на глава се преврте да задоволи други и да биде “approved” (во случајов од само еден главен “bully” дискриминатор, а призната од повеќето свет), таа држава се претставува со ваков борбен текст на песна во Европа?

Држава која скокаше низ огнени обрачи да биде прифатена? Држава која со пенкало се одрече од скоро сé што за било која држава е драгоцено?

They will try to tell you what to do
How to look, smile, act and move
All the rules are made for you to lose.

– вели држава која направи сé што и беше кажано да прави, смени сé што и беше кажано да смени за да се уклопи. Па дури и своето име и идентитет.

Песнава учи и советува на сé што ние не направивме.

Tell them, raise your voice and say it loudly
Show them what it means to stand up proudly
Tell them, this is me and thanks to you I’m proud!

Ако сте способни за љубов, совест и грижа, знам, и вам ќе ви се плаче како мене. Само замислете си го сценариото:

Proud, the Eurovision song by Macedonia!

SHARE