#ЧеНиСеФататЗаЗнамето – Пишува Роберт Димитриевски

Баш ме интересира како мислат политичкиве мртовци од денеска да ја спроведуваат забраната за јавна употреба на првото знаме на независна Македонија со сонцето од Кутлеш. Мислеше ли нешто воопшто „патриотот-визионер“ кога го потпишуваше безвредното парче хартија од Нивици по масовниот бојкот на пропаднатиот референдум за Преспански договор? Му објасни ли на исклештениот шеф додека подаруваше вратоврска на тогашниот грчки колега, колку е (не)применлив членот од спогодбата за знамето?

„Втората страна нема повторно да го употребува на кој било начин и во каква било форма симболот порано истакнат на нејзиното поранешно државно знаме. Во рок од шест месеци по влегувањето во сила на оваа спогодба, Втората страна ќе пристапи кон отстранување на симболот истакнат на нејзиното поранешно државно знаме од сите јавни места и од јавна употреба на нејзина територија. Археолошките артефакти не спаѓаат во опфатот на оваа одредба“, стои во членот 8 од Договорот.

Супер. И? Ќе земат копачи и како Талибанците ќе ги сквернават црквите, ќе ги раскопаат плоштадите и ќе ги урнат фонтаните во кои е вграден симболот на древномакедонската кралска династија? Ќе растураат свадби и ќе ги казнуваат сватовите ако го веат знамето со шеснаесеткракото сонце во автомобилска поворка или на оро? Ќе соблекуваат минувачи по улица што носат маички со златножолтата ѕвезда на црвена заднина? Ќе запленуваат сувенири, приврзоци, играчки, знаменца за ретровизор, пенкала и слични дребулии што го содржат симболот пикиран за отстрел само во Македонија и ќе им пишуваат казни на сопствениците? Ќе се пентарат по тераси, покриви, мостови за да го отстранат?

И сето тоа во ситуација кога се толерира масовно прекршување на Законот за знамиња со истакнување на албанското речиси секаде и безмалку во секоја пригода без државното?! Заради мир в куќа, некому постојано ќе му се прогледува низ прсти, а друг ревносно ќе биде санкциониран и понижуван во сопствената земја ако го употребува знамето што го смета за национално?!

Покрај целата бесмисла на забранувањето само на Македонците јавно да користат симбол што може да се третира и како дел на светското наследство, како крстот, лавот или орелот, кои многу народи ги имаат во своите државни обележја, свесно се пренебрегнува и поуката од првобитниот грев на Адам и Ева. Дека забранетото овошје на луѓето им е најслатко и за него често прекршуваат и морални норми, а камоли државни.

Сонцето од Кутлеш, кое сè повеќе го потиснува „вентилаторот“, како што ја нарекуваат многу Македонци креацијата на Грчев, полека но сигурно станува симбол на отпорот кон силувањето на волјата на народот од власта што педантно брише сè со предзнакот македонско. Колку повеќе ќе го прогонуваат и забрануваат, уште повеќе ќе им прирасне на срцето на тие што чувствуваат нешто за Македонија, истовремено зголемувајќи ја омразата кон тој што им го брани. А тоа е последното нешто што им треба на Заев и компанија во екот на скандалот со Боки Тредичи и другарчињата рекетарчиња.

Затоа, нека баталат „ќорава посла“ со спроведување на неспроведливото. Не можат да напишат толку казни колку што ќе има прекршувања на глупандерската одредба од ништовниот им договор. Битката им е однапред загубена. До толку белким имаат акал во главата за да сфатат. Ако немаат, нека е простено за изразот зајмен од еден твитерџија, „ќе ни се фатат за – јарболот. Од знамето…“.