Хектор Вергара Пења (28) од Чиле веќе два месеца принудно престојува во Македонија, не можејќи да се врати во својата земја поради затворените граници и рестриктивните мерки за Ковид-19.

Тој пристигнал во Македонија на 5 март, три дена пред Светската здравствена организација (СЗО) да прогласи пандемија на коронавирус.

„Во почетокот сè беше добро. Прошетав низ неколку градови речиси две недели, но на 18 март, кога се вратив во главниот град Скопје, почнаа ограничувањата и со нив проблемите. Не бев во можност да го остварам враќањето назад во Чиле закажано за 21 март“, вели Пења за чилеанскиот радиодифузер Био Био. „Авиокомпаниите не одговараат. До денес не знам што ќе се случи со мојот авионски билет што го купив“.

Според него, „сè се случило многу брзо и ненадејно“ и тој немал можност за план Б. Итно нашол сместување преку „Ербнб“, што му помогнало да се придржува до карантинот и полицискиот час во земјата.

„Сопственичката многу ми помогна, ми даде попуст за да можам да останам малку подолго тука. Таа има разбирање за ситуацијата. Многу ѝ благодарам“, вели тој.

Тоа што се случи, додава Хектор, е „прилично хаотично, стресно, тешко, не го разбирам јазикот тука“ и да бидат работите полоши, неговите заштеди завршиле, така што неговите родители требало да му помогнат со пари.

Поради оваа причина, тој побарал помош од Чилеанскиот конзулат во Грција, бидејќи неговата земја во Македонија нема ни амбасада, ни претставништво. Тие не му дале „никаков одговор“, обвинува тој, нагласувајќи дека Македонија – и покрај ограничувањата – дозволи репатријација на лица од други земји, но „за жал, Чиле, Министерството за надворешни работи и Конзулатот не ни ја даваат потребната помош“.

„Не барам ништо бесплатно, туку реална опција што може да се плати и што ќе ми овозможи со сигурност да си заминам од тука“, истакнува Пења.

SHARE