Амбасадорот на Русија во Европска унија, Владимир Чижов, изјави дека западните земји, како и лидерите на ЕУ и на НАТО, се обидуваат да не го признаат фактот дека референдумот во Македонија е прогласен за неуспешен од Државна изборна комисија.

„Примерот со Македонија покажува дека ова е класичен случај на неформално мешање во внатрешните работи на една земја од САД, европските земји, НАТО – претставен од генералниот секретар, како и од ЕУ, преку нејзините лидери. Тоа остава впечаток дека ним дури и не им паднало на ум дека ова претставува мешање во внатрешните работи на друга земја“, изјави Чижов.

„Се разбира, решавањето на билатералните прашања меѓу двете соседни земји преку дијалог е позитивен чекор. Проблемите меѓу Атина и Скопје постојат повеќе од 20 години и во тоа време имаше многу можности да се решат, но тие шанси беа пропуштени. Сега, пак, сè се прави со конкретна цел – да се вовлече Македонија во НАТО што е можно поскоро. Ете зошто се прави сето ова. Фокусот е на НАТО, бидејќи патот (на Македонија) кон членство во ЕУ ќе биде долг и макотрпен и за тоа можеме да зборуваме хипотетички во овој момент“, додаде тој.

„Овде во Брисел и во други главни градови луѓето се обидуваат да не го признаат фактот дека референдумот беше прогласен за неважечки од страна на Државната изборна комисија во Македонија, наместо тоа нагласувајќи ја неговата советодавна природа. Како и да е, референдумот во целина беше нелегитимен бидејќи, според македонскиот Устав, само едно прашање може да се постави на референдум. А таму [на референдумот за промена на името], тие имаа три [прашања]: за Преспанскиот договор, за членство во ЕУ и во НАТО“, потсети амбасадорот.

„Следниот чекор е гласањето во македонскиот Парламент, каде што владејачката коалиција нема да може да обезбеди доволно гласови, дури и ако се обиде. Потребно е квалификувано мнозинство од две третини. Мислам дека сега се спроведува персонализирана ‘едукативна работа’ со членови на опозицијата во Парламентот“, заклучи Чижов.