Член на МАНУ за уцените од Софија: За трагедија не треба многу

Политиките на негирање на другиот се претвораат во политики на негирање на самите себе. Парадоксално е, ама вистина е. Па и ова со бугарската дволична политика спрема Македонците и македонскиот народ, јазик, историја и држава, така ќе заврши, како Пирова победа на Бугарија.

Од една страна ја признаваат државата (прво како Република Македонија, после како северна!), а од друга, ја негираат нацијата (заправо македонскиот народ), што е основен елемент на сувереноста на државата.

Ем го признаваат јазикот на државата според Устав, ем го негираат македонскиот јазик. Ем го критикуваат наводниот српски и социјалистички хегемонизам и интервенционизам при создавањето на Република Македонија во рамките на Југословенската федерација, ем делуваат од позиција на хегемонисти и интервенционисти.

Да, ќе го признаат македонскиот јазик, ама како дијалектна норма на бугарскиот. Да, ќе го признаат народот, ама како бугарски. Да, ќе ја признаат историјата, ама како бугарска. Да, ќе ја признаат државата, ама како експериментален конструкт од 2018.

Тие признаваат сѐ што е бугарско, се разбира. Тие ја признаваат и старословенската писменост, ама како бугарска. Тие го имаат одамна признаено и милионското македонско население (македонската асимилирана емиграција) во Бугарија, ама како бугарска.

Па и сопствената политика си ја ревидираат, само за да се создаде големиот наратив за бугарскиот карактер на Македонците, а сега и на словенската култура и писменост, признаена од Рим во 9-от век како словенска. Испаѓа дека, гротескно кажано, и кога Бугарите не биле Словени, Словените биле Бугари! И уште се повикуваат на европски вредности!

Која иронија! Кој догматизам! Сакајќи го и туѓото, си го губат и своето! Прогресивниот словенски Ум, не само од областа на лингвистиката и историографијата, веќе ги осудува ваквите шовинистички и хегемонистички стратегии.

Наместо цивилизирано, дипломатски, пријателски, кротко, аргументирано, да ја испочитуваат македонската волја и слобода на самоизразување, наместо да ја уважат слободата на научното мислење, наместо да се соочат со објективната македонска стварност во минатото и денес, и конечно – наместо да се соочат со сопствените противречности, темни места во историјата и национални парадокси, тие ја подриваат и сегашноста, и иднината на македонско-бугарските односи.

Токму тоа, несоочувањето со стварноста, искривувањето на стварноста е, обично, признак на патолошка состојба на свеста. Нема сомнение дека ова што денес го прават некои државно-политички институции на соседна Бугарија е голема историска грешка.

Затоа, должност на добронамерните интелектуалци и пријатели на Бугарија е да им ја предочат таа грешка, за да се спречи трагедија. А за трагедија, знаете секако, не треба многу. Доволно е да се посегне по туѓото, во миг кога и други посегнуваат по него. Македонија е на отворено. Сега се гледа точно кој ѝ е пријател!

Академик проф. Катица Ќулавкова

SHARE