Човекот без биографија – кој е тајниот автор на концептот на Царовска

Во јавноста не е целосно јасно и сѐ погласно се поставува прашањето – кој ги поставил основите на т.н. нова Концепција за основно образование, која веќе е потврден плагијат, призалепен од повеќе делови од различни документи и наставен план на една приватна гимназија.

Секој што површно го следи работите ќе каже дека одговорот на ова прашање е – „работната група“ на Царовска.

Повеќе луѓе кои имаат искуство со Бирото за образование велат дека не треба да се исклучи дека работната група можеби само го одобрила овој концепт и ставила свој параф на документот што го промовира Царовска.

Според повеќе упатени извори а и некои медиуми индиректно идеен татко на целиот проект веројатно е раководителот на секторот за наставни планови и програми во Бирото за развој на образованието, Митко Чешларов.

За овој човек јавноста до скоро немаше информации, можеби зашто од позадина наместо вистинскиот идеолог се туркаа други лица да ја бранат концепцијата и нејзините небулози.

Во видеото што пред дваесетина дена беше објавено на Јутјуб покажа дека голем дел од актерите се тотално неподготвени да ја бранат концепцијата.

Но, зад непојавувањето на Чешларов во јавноста можеби се крие нешто друго.

Побарајте на Гугл биографија од овој човек; побарајте професионални податоци; побарајте колку е стар; кој факултет го завршил; која му е експертизата; побарајте службено CV, какво што мора да имаат сите државни службеници; нема да најдете многу.

Тоа е човек без јавна и официјална биографија. Ако подзапрашате наоколу во институциите, ќе ви кажат дека е човек кој успева да даде впечаток на самоувереност и експертиза на највисоко ниво како најспособен во Бирото без да дозволи дебата за неговите лични компетенции и соодветно образование за ова работно место.

Уште помалку во БРО и другите владини структури инволвирани во процесот може да се зборува за врските со невладиниот сектор од каде доаѓа и министерката Царовска а каде се вртат големи пари.

Упатените во проблематиката кажуваат дека ова не е прв обид на Чешларов да биде главен актер во процеси каде се бара онаков вид компетенции од тие што ги има тој.

Тој учествувал во сите претходни стратегии, концепции и закони, почнувајќи од 2006 година, и секогаш е претставен како човек без кого не се може.

Но, кој е всушност Митко Чешларов?

Од она малку што може да се пронајде и ископа од местата каде што е прозван и од институциите каде што се образувал и работел, може да се дознае следново.

Од невработен, со само неколкумесечен стаж во две скопски гимназии, во време на министерката Софија Тодорова бил примен на некаков проект и почнал да гради кариера во Бирото за развој на образованието.

Од тогаш преферира активностите во кои учествува да се работат преку проекти, кои ќе станат неодминлив составен дел на неговата понатамошна кариера.

Со прилично скромен работен стаж, на крајот на овој “проектен дел” од неговата кариера успеал да се вработи во крајно сомнителни околности кои според негови колеги биле спротивни на Законот за Бирото, кој денес пропишува петгодишен работен стаж. (Кога се вработил Чешларов, можеби требало и повеќе).

Од тогаш напредувал до советник во раководител на одделение, а од 2006 година и во раководител на сектор.

Инаку, Чешларов има завршено факултет за класични студии, струка која не ја работел повеќе од триесет години.

Завршил постдипломски студии за родова еднаквост на Универзитетот Евробалкан, кој денес веќе не постои. Со ова образование станува „експерт“ и според повеќе извори идеолог на Концепцијата за основното образование и раководител на реформите.

Читајќи го овој профил многумина ќе запрашаат – како човек со ваква биографија дошол во ситуација баш тој да ја прави концепцијата? Одговор на ова прашање тешко може да се даде.

А потоа се чудиме зошто предложените македонски кадри ги враќале од евроатланските институции.

За споменатиот Чешларов не најдовме дека во изминативе повеќе од петнаесет години раководење со секторот за наставни планови и програми во БРО некогаш се сретнал со неговите колеги од СОСЕДСТВОТО.

Уште помалку има информации за соработка и искуство од концепти за реформи во членки на ЕУ;

Не сретнавме ниту податок, фотографија, извештај за направена студиска посета барем на некоја соседна држава, за да се види како таму функционираат училиштата, сличните институции на бирото.

Ништо од тоа.

Само електронски молк, кој гласно говори за можната зачауреност, за која често пати самонаречени експерти за образование ги обвинуваат наставниците.

Со ваквиот пристап највероватно може да се добие само ваква уште на стартот килава реформа – ветувања брда и долини и рекламна пропаганда за која никој понатаму нема да гарантира… и така до недоглед.

Образование не се прави од она што сме го гледале на странска телевизија; потребна е посветеност, искрена работа и пред сѐ, знаење.

Ние во моментов имаме луѓе кои ни кажуваат дека ќе не научат да возиме кола, а кои самите се невозачи, но од задното седиште го гледале татко им како вози.

Чешларов, Царовска и таканаречените експерти ќе прават предмет „уметности“ со половина час музичко, половина час ликовно. Ќе прават „општествени науки“ со мешање на хуманистички, природни и општествени науки.

Повторно ќе прават „природни науки“, а не гледаат дека по воведувањето на овој предмет учениците се сѐ подолу и подолу на меѓународните тестирања.

Ќе воведуваат сексуално образование, а ќе укинуваат етика.

Уште пострашно е ако зад ова се крие и нешто друго, бизнис кој никој не го гледа.

Кој може да каже со сигурност дали магистерот по родови студии смислено не се обидува да го руинира националниот идентитет, преку укинување на музичко, ликовно, историја и географија. Или пак тоа ќе биде резултат на незнаење.

Можеби никој не обрна внимание на сексуалното образование, на начинот на кој на малолетниците ќе им се објаснува половиот и родовиот идентитет.

Децата ќе знаат кој пол се, но ќе „размислуваат“ за родот и за тоа дали се чувствуваат задоволно во своето тело.

Случајно, тоа го предлага еден магистер по родови студии од универзитет кој пропадна, и кој по некоја чудна коинциденција ја составува концепцијата.

На сите им е јасно и зошто нема јавна дебата организирана од МОН.

На една од дебатите кои беа организирани од ликовните педагози, Митко Чешларов помина неславно. Тоа е една за која знаеме и која учесниците ја имаат снимано.

Тој нема да излезе на мегдан со оние кон кои се однесува со видно потценување – МАНУ, Сенатот на УКИМ, Филозофскиот факултет, Студентското собрание, наставниците итн.

Сите тие можеби за авторите на концептот се ретроградни, глупави и не можат да ја сфатат концепцијата.

Или пак се премногу компетентни, искусни и мудри за да може да ги излажат авантуристи залутани во образованието, без ниту едно сопствено постигање.

Колку е тоа важно за Чешларов е негов избор. Најважно е дека концепцијата му ја презентираше на Премиерот, а на секој издаден труд од БРО се потпишува како уредник што според правилата на институциите обично носи дополнителен приход. На луѓето чија биографија не може да се дојде со традиционални методи веројатно тоа е доволно.