Чулев обвини дека АНБ ги задржа можностите да прислушува!?


Поранешната УБК, а сега Агенција за национална безбедност (АНБ) ја задржала техничката можност за следење на комуникациите, обвини министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на денешната прес-конференција што, според него. е прекршување на законите и препораките на Прибе.

„Констатирано е фрапантно кршење на законите: поранешната УБК, а сега АНБ, сѐ уште ја има задржано посредничката улога, во системот за следење на комуникациите, што во суштина значи дека сѐ уште постои техничка можност АНБ да има увид во следењето на комуникациите кои се спроведуваат за потребите на кривичните истраги спроведувани и во надлежност на МВР“, рече министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

Министерот рече дека нема информација дали АНБ во моментов врши незаконско прислушување, но побара од Јавното обвинителство по допрен глас да истражи кој е одговорен и зошто две години не е воспоставена директна техничка комуникација меѓу Министерството за внатрешни работи и Оперативно-техничката агенција.

Чулев најави дека денеска испратил писмен акт до директорот на Оперативно-техничката агенција, а ќе испрати и информација до Владата за, како што рече, монополот на АНБ за следење на комуникациите.

SHARE