Чулев предлага по 15.000 денари премија за вработените во МВР

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев потпишал и до Владата ќе доставил уредба со која предлага премија од по 15.000 денари линеарно и еднократно за секој вработен во Министерството за внатрешни работи (МВР).

„Благодарност за вработените во Министерството за внатрешни работи кои даваат исклучително голем придонес во справување со пандемијата од Ковид-19!

Денеска потпишав и до Владата ќе доставам уредба со која се предвидува награда од 15.000 денари линеарно и еднократно за секој од нив. Уредбата ги опфаќа сите полициски службеници, вработените во управните служби и останатиот административен персонал во Министерството за внатрешни работи кои целиот овој период неуморно и пожртвувано даваат сè од себе во првите редови во справувањето со коронавирусот.

Немам никаква дилема дека тие со својот труд и ангажман го заслужуваат ова и очекувам Владата на првата наредна седница да ја усвои оваа уредба. Здравјето и животот на вработените се наш исклучителен приоритет и цврсто сме посветени на процесот на вреднување на нивниот придонес во остварување на целите на Министерството за внатрешни работи“, објави министерот Чулев на Фејбук.

SHARE