Грчкиот премиер Алексис Ципрас утрово го информира претседателот Прокопис Павлопулос за последниот развој околу прашањето за разликата за името со Македонија, оценувајќи дека „преговорите со Скопје се во клучна фаза“.
„Сакаме долготрајно решение“, рече тој, додавајќи дека Владата инсистира името што ќе се договори да биде користено ерга омнес, како и за измени во Уставот на соседната земја за да се сменат членовите на кои Грција гледа како на израз на иредентистички амбиции.
Павлопулос од своја страна повика за „најголем можен консензус“ меѓу политичките партии во земјата по ова прашање.
Ципрас во текот на денов планира да ги брифира лидерите на парламентарните партии во Грција.
Атина и Скопје наводно го разгледуваат предлогот „Република Илинденска Македонија“ за кој се вели дека македонскиот премиер Зоран Заев му го изложил на својот грчки колега на средбата во Софија во четвртокот.
Таквиот предлог лидерот на најголемата опозициска партија Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, кој го слушна од Ципрас по телефон, целосно го отфрли, исто како и поранешниот министер за надворешни работи од ПАСОК, Евангелос Венизелос.