Цокула за „Северна“ – Пишува Роберт Димитриевски

Ни тргна со чизмиве. Министерката за одбрана прва повлече нога со набавката на 7.200 чифта за припадниците на Армија на Република Македонија кон крајот на јануари. И „Северна“ со крупни чекори поита кон Северноатлантската алијанса, за нејзините војници, кај и да е, да застанат чизма до чизма со своите колеги од стратешките ни партнери.

Вчера, пак, ги огреа сонце и во Министерство за внатрешни работи. Радоста дојде од север, благодарејќи на Владата на некогашна Западна Германија, која, покрај 20 возила, на (северно)македонската гранична полиција ѝ подари и 351 чифт чизми. Полицајците, за жал, немаат каде да зачекорат со нив, во смисла на меѓународен сојуз како НАТО, но новите чизми сигурно добро ќе им дојдат. Додека цупкаат покрај северџанските погранични табли, чувајќи ги од небањатите.

Каде се сега злите јазици да ѝ бараат влакно во јајце на реформската влада на Заев, во која првата војничка цокула Шекеринска и првиот пендрек Спасовски се ударната тупаница? Уште не се ни исуши маслото од пенкалото на неискомплексираниот Димитров, со кое на искомплексираната нација ѝ го зацврсти идентитетот, а животот во Европска Македонија толку многу надојде, што веќе не се издржува. И многу арно не е на арно, како што вели народната мудрост на Македонците/Граѓани на Република Северна Македонија.

Кај ли ќе ѝ биде крајот на идната членка на пактот, кој несебично споделуваше (западни) демократски вредности и хуманитарни интервенции во Србија, Ирак, Авганистан, Либија итн., кога ќе ги достигне бараните два процента од буџетот за одбраната? Еј, ќе може да си купи и нови чорапи за новите чизми, нови врвки и боја, па ремени, капи, маички, гаќи…

Тоа е тој визионерски патриотизам што од уста не го вади шефот на дипломатијата на Северномакедонците. Да знаеја колку многу благодати за толку кратко време ќе донесе промената на името, визионериве ем докажани патриоти ќе го сменеа уште во 1991 година. Ни „м“ од Македонија немаше да остават во името. Колку само цокули ќе се купеа и добиеја на дар оттогаш досега, па, па, па. Цело НАТО ќе го обуевме, не па АРМ и МВР. За гаќи муабет да не правиме.

А сега, новите чизми на нозе и – напред марш! Нема време за губење, оти на Северна Македонија ѝ се отвора „виндоу оф опортјунити“ да донесе слобода во уште некоја заробена држава што ќе ја посочат нашите пријатели во Брисел и во Вашингтон. Доста само ?? ја топли новото сонце на слободата веќе две години.

SHARE

1 Коментар

Оставете Коментар