Цуцуловски: Како пасошот на Македонија е сопственост на „Северна“? Две различни држави се?

Професорот Љубомир Цуцуловски се чуди како може нова патна исправа на чија корица пишува „Република Македонија“ да биде сопственост на „Република Северна Македонија“, како што пишува внатре во документот.

„СОПСТВЕНОСТ НА…? Денес го подигнав мојот нов пасош. На насловната страница, фино лепо, убаво пишува „Република Македонија.“ Го отворам. Гледам и на наредната страница, фино лепо, пишува „Република Македонија“. Убаво, си велам, сѐ е како што треба. Вртам на наредната страница, кога таму, фино не-лепо, пишува „Овој пасош е сопственост на Република Северна Македонија“. Збунет сум. Не можам да разберам како пасошот на Република Македонија е сопственост на Република Северна Македонија. Дали се тоа две различни држави, па Република Македонија е во сопственост на Република Северна Македонија? Или се тоа две различни држави? Но, во тој случај, зошто и за двете држави важи ист пасош? Башка, пасошот е на мое име и за него, фино лепо, ѝ платив на државата колку што требаше. Сега испаѓа дека не е и моја сопственост. Или, така треба – да не се знае што е што и кој е кој, бидејќи некои батковци така заповедале. Сѐ е добро, фино лепо, само што не е лепо. Уште помалку фино, молам лепо!“, коментира Цуцуловски на Фејсбук.