Цуцуловски: Нека ги има и како Жбогар, бидејќи цело е кога има сешто

Професорот Љубомир Цуцуловски реагира на агитацијата на евроамбасадорот Самуел Жбогар во прилог на референдумот со аргументацијата дека со влезот во Европска унија официјален во неа ќе станел и „јазикот на Конески“, избегнувајќи да каже македонски.

„ЦЕЛО Е КОГА ИМА СЕШТО. Господинот Жбогар – презимето не му го римувам – како амбасадор на ЕУ во Република Македонија, во духот на најприземната демагогија, изјави дека со влегувањето во ЕУ јазикот на Конески (кој ли му е сега тоа јазик?) ќе станел еден од официјалните јазици во Унијата. Единствено не кажа:

1) Кога мисли дека Македонија ќе стане членка на оваа (веќе) не многу реномирана организација. Или, можеби, битно е да се додворува, за да успее претстојниот референдум. Потоа, што биде нека биде.
2) Зошто за време на неговото амбасадорување речиси не проговори на својот убав мајчин јазик (белки не се срами од него), туку цело време се обраќа на англиски (патем, Кралството Британија е на заминување од ЕУ) и пригодно, само по некои поводи, прозборе на некој, единствено нему познат, македонски јазик.
3) Не кажа, исто така, дали официјален јазик во Словенија, или во Македонија, е англискиот, ниту кажа дали за овој негов манир кон сопствениот јазик знаат словенечките граѓани, кои во Унијата не издвојуваат средства за да може овој светски господин да се срами од сопствениот словенечки јазик. Замислете си хрватски амбасадор во Словенија кој не проговорува ниту на хрватски, ниту на словенечки, туку на свахили јазик, во рамките на банту јазиците.

Сепак, се согласувам, има секакви луѓе. Има луѓе и како господинот Жбогар. И нека ги има, бидејќи цело е кога има сè и сешто и уште понешто – колку да не биде без ич“, напиша Цуцуловски на својот профил на „Фејсбук“.