Професорот и филозоф Љубомир Цуцуловски на својот профил на „Фејсбук“ го споредува овидот на власта предводена од Заев за промена на Уставот во согласност со Преспански договор со отворањето на Пандорината кутија.

„ПАНДОРИНАТА КУТИЈА – ОБРАТНА СИТУАЦИЈА. Евентуалната промена на Уставот ќе биде пострашна од отворањето на Пандорината кутија. Отворајќи ја кутијата, Пандора дозволи таа да се ослободи/прочисти од сите зла. Со отворањето/промената на Уставот веројатно е дека ќе се случи обратниот процес – во него да се вгнездат сите опасности/демнежи содржани во Преспенскиот договор. Ситуацијата станува уште позагрижувачка ако се има предвид дека допрва следи финализирањето на Тиранската платформа, како и Договорот за добрососедски односи со Бугарија, кои (исто така) ќе бараат свое вгнездување во Уставот. Потоа, откако ќе се вгнездат, тешко ќе се изгонат од него. Во исто време, не треба да се занемари ноторната вистина дека честите промени на нечиј устав не говорат за стабилноста на одредена земја, туку претставуваат знак за нејзината нестабилност. Од своја страна, нестабилните држави не се ни почитувани, ни посакувани држави“, напиша Цуцуловски.