Цветанова за книгата што ги негира Македонците, издадена од Алаѓозовски: Патот прав, идентитетот бетон!

Некогашната министерка за култура Ганка Цветанова реагира за книгата „Бежанци“, во која се негира постоењето на Македонците, издадена од издавачката куќа „Готен“ на ексминистерот за култура Роберт Алаѓозовски во Владата на Зоран Заев.

„Патот прав, идентитетот бетон! Претседателот на Комисијата за култура на СДС, национален координатор за култура и поранешен министер за култура во Владата на оваа пуста #Македонија, дами и господа… Плус автор на преводот и издавач на книгата!“, коментира Цветанова на Твитер.

„Бежанци“ е роман со околу 500 страници од бугарската авторка Весела Љахова, во чиј предговор стои дека „опишува реални историски настани од Драмското востание од 1941, дебугаризацијата на Егејска Македонија по Втората светска војна, трагичната судбина на бугарското малцинство во Грција до средината на ХХ век“ и оти „бугарските жртви во истиот настан се осудени на заборав“.

„Понатаму, во предговорот во кој се негира македонскиот народ, кој авторката го посветува на бугарскиот народ во Егејска Македонија, стои дека тој треба да ‘посведочи за потомците на оние Бугари, кои пред децении преточитале да останат на своите родни огништа како граѓани на грчката држава’, но и ‘дека не се заборавени и дека преку нивните дедовци се дел од бугарската татковина’. Колку за потсетување: Драмското востание е кренато на 29 септември 1941 година од страна на македонскиот и грчкиот народ против бугарската окупација“, пишува „Денешен“.