„Данас“: Размена на територии на север нов жив песок за Македонија

Српскиот весник „Данас“ во анализа за „реторичката размена на трговски понуди“ за трампа на територии меѓу Србија и Косово се осврнува и на последиците за Македонија.

„Македонија, која се обидува да се извлече од долготрајниот процес на стагнација во однос на ЕУ и на НАТО, со решавањето на спорот околу името со Грција и со добивањето повик за членство во евроатлантскиот сојуз во идејниот проект за размена на територии би можела повторно да биде во позиција на заложник на Белград и на Приштина. Во случај да дојде до размена на териториите од северно косово за т.н. Прешевска долина, Косово би добило излез на Коридор 10 и директно би ја пресекло врската Врање – Куманово – Солун. Би бил хомогенизиран простор етнички населен со Албанци кои не толку одамна ги покажаа своите амбиции за ‘средување на состојбата’ на подрачјето околу Скопска Црна Гора. Воедно, тоа дополнително би ги засилило радикалните структури во политичкиот спектар на албанските партии во Македонија, кои во тој случај релаксирано би можеле на своите избирачи да им препорачаат на референдумот да гласаат за спогодбата за новиот ‘именден’ на оваа држава. Владата на премиерот Заев, која сè уште нема целосен политички авторитет, би се нашла на ударот на пронационалната ВМРО-ДПМНЕ и ете нов жив песок за соседната држава“, пишува „Данас“ во текстот насловен „Приштина до Ниш виа Прешевска долина“.

„Многумина забораваат на фактот дека силите на КФОР се во Косово, но и НАТО сега во Црна Гора, наскоро и во соседна Северна Македонија, и во тој случај ‘копродукцијата’ би можела да биде поспектакуларна од тоа што некој во Приштина, но и во Белград би можел и да замисли“, заклучува весникот во својата анализа.