Данска и Австрија сакаат Балканот да стане „мигрантски камп“

Можноста за отворање мигрантски кампови на Балканот била една од темите за која разговарале лидерите на земјите члени на ЕУ на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија.

Идејата била да се се спречат бегалците и мигрантите да влегуваат на територијата на Унијата, објави францускиот весник „Монд“, пренесе МИА.

Тоа би биле еден вид кампови каде ќе се задржуваат мигрантите кои немаат право на азил, а не можат брзо да бидат вратени назад, а идејата потекнала од евроскептичните и антимигрантски настроени влади на Данска и Австрија.

На 5 јуни, данскиот премиер Расмусен најавил разговори со австрискиот колега Себастијан Курц, чија земја на 1 јули го презема претседавањато со Унијата, за создавање нов систем за азил во ЕУ, чија централна точка би било „отворање заеднички центри за прием и протерување“.

Иако Расмусен не кажал јавно каде би се отвориле тие кампови, францускиот весник „од сигурни извори“ дознава дека се мислело на Албанија или на Косово.

Данскиот премиер изјавил дека е „во контакт и со други европски лидери“ и дека е „оптимист“ за проектот.

„Монд“ тврди дека на Самитот во Софија на 17 мај помеѓу 28-те земји членки и пет држави од Западниот Балкан, плановите на Виена и на Копенхаген им биле презентирани и на другите земји членки на ЕУ, но не наишол на одобрување.